Бугарскиот претседател Румен Радев и неговиот српски колега Александар Вучиќ на 1 февруари го означија почетокот на изградба на гасовод што ќе ги поврзе двете земји и ќе помогне да се намали зависноста на регионот од руски гас.
Двајцата претседатели присуствуваа на церемонијата на поставување камен темелник во бугарскиот град Костинброд, каде што ќе биде изграден едниот крај од 170 километарскиот гасовод, од кој 109 километри ќе минуваат низ Србија.
„Ова е голема работа, европски проект, ќе снабдуваме и други земји преку нашата земја“, рече Вучиќ.
Гасоводот, која ќе има капацитет од 1,8 милијарди кубни метри гас годишно, ќе овозможи гасот од Азербејџан да тече сè до Западна Европа, а исто така на Србија ќе и овозможи пристап до течен природен гас што доаѓа од пристаништата во Грција.
„Тоа му дава нови можности на регионот преку вистинска диверзификација и безбедност на испораките“, додаде Радев.
На церемонијата присуствуваше и европскиот комесар за енергија Кадри Симсон. Проектот е вреден 85,5 милиони евра, од кои Европската инвестициска банка (ЕИБ) ќе обезбеди 25 милиони евра, а 49,6 милиони евра ќе бидат обезбедени од кофинансирање од Европската Унија. Србија ќе го обезбеди остатокот од финансиските средства потребни за завршување на гасоводот.