Протести, ракети, ветувања...

ЕУ - Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската унија (ЕУ), Жозеп Борел денеска го осуди нападот на секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид Христијан Пендиков, истакнувајќи дека се неприфатливи изјавите кои ги даваат некои националистички политичари.

ХРВАТСКА - Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска оцени дека претседателот Зоран Милановиќ, со своите изјави, „го урива надворешнополитичкиот кредибилитет на Хрватска“. Неговата реакција следува откако Милановиќ вчера изјави дека „Крив веќе нема да биде Украина“. На неговата изјава денеска реагираше и портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи Олех Николенко, кој на Фејсбук напиша дека е неприфатливо што Милановиќ го доведува во прашање „територијалниот интегритет на Украина“.

ФРАНЦИЈА - Десетици илјади луѓе денеска излегоа на улиците на Париз и ширум Франција на протест против пензиската реформа, на повик на големите синдикати.

ТУРЦИЈА - Турција попозитивно гледа на Финска, за разлика од Шведска, како кандидат за НАТО, изјави денеска во Будимпешта турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.
„Претходно рековме дека гледаме попозитивно на кандидатурата на Финска, но НАТО сака истовремено одобрување на пристапот на двете земји“, посочи Чавушоглу на заедничката прес-конференција со шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто.

МАКЕДОНИЈА - Не е дефинитивно влегувањето на Алијансата за Албанците (АА) во Владата, но шансите за тоа се огромни, изјави денеска лидерот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари, по средбата со премиерот Димитар Ковачевски.

АЛБАНИЈА - Во Албанија во тек е акција за демонтирање на камери тајно поставени на јавни места од страна на криминални групи за да се следи движењето на полицијата.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Велика Британија не верува дека е практично да испрати воени авиони во Украина, рече денеска портпаролот на премиерот Риши Сунак, откако Киев навести дека ќе се залага да добие западни борбени авиони.

БЕЛГИЈА - Повеќе од 10 илјади вработени во болниците и во старечките домови денеска протестираа во центарот на Брисел, со барање за подобри услови за работа и повисоки плати. Здравствениот сектор беше особено тешко погоден за време на пандемијата на ковид-19.

ДАНСКА - Данска денеска го подигна нивото на тревога за сајбер безбедност од „средно“ на „високо“ по неколку напади од проруски хакерски групи во последните недели, соопшти тамошниот Центар за сајбер безбедност.

МАКЕДОНИЈА - Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи Бујар Османи денеска во Брисел имаше обраќање пред Северноатлантскиот совет на НАТО, каде ја претстави Програмата на Северна Македонија како претседавач со ОБСЕ во 2023 година. Како што информира МНР, пред Советот, со кој претседаваше заменик генералниот секретар на НАТО Мирчеа Џоана, Османи посочи дека фокусот на претседавањето ќе биде ставен на луѓето и на вредностите и принципите на ОБСЕ кои, како што се наведува, беа прекршени со руската агресија врз Украина.

МАКЕДОНИЈА - Министерството за внатрешни работи има план за обезбедување на чествувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, а во однос на тоа кој влегува во државата МВР се придржува до Законот за странци, каде постои одредба според која граѓанин на друга држава што претставува опасност може да не биде пуштен да влезе во државава, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

РУСИЈА - Русија денеска соопшти дека повиците на претседателот на Литванија за снабдување на Украина со борбени авиони ја истакнале „исклучително агресивната позиција“ на балтичките земји и Полска и дека „големите европски земји“ треба да го балансираат нивниот став.