Десетици илјади луѓе на протестот против пензиската реформа во Франција

Протест против пензиската реформа во Париз

Десетици илјади луѓе денеска излегоа на улиците на Париз и ширум Франција на протест против пензиската реформа, на повик на големите синдикати.

Во Париз тие носеа голем транспарент на кој пишува „Велиме НЕ за реформите на пензиите и подолгиот работен век“, кој го носеа и на првиот голем собир против непопуларната пензиска реформа на 19 јануари.

На тој прв голем собир имаше над 1 милиони луѓе ширум Франција, пренесува новинската агенција Франс прес.

Синдикатите, како и опозициските партии, левицата и екстремната десница, го отфрлаат предлогот во пензија да се оди на 64, наместо на 62 години.

Француската онлајн телевизија БФМТВ пренесе дека околу 19 отсто од вработените во јавните служби се во штрајк.

Телевизијата објави дека неколку лица биле приведени во Париз за обид за оштетување на фасадата на една банка.

Освен во Париз, има големи собири и во другите градови. Во Нант излегле 28 илјади луѓе, а во цела Нормандија околу 100 илјади луѓе, пренесоа локалните медиуми.

Сообраќајот во целата земја денеска е пореметен. Француските железници предупредија дека некои меѓуградски возови ќе сообраќаат со намален обем или ќе бидат во целосен прекин.

Премиерката Елизабет Борн неодамна изјави дека нема да има преговори за зголемувањето на старосната граница за одење во пензија.

Предлог законот за пензиските реформи вчера стигна во Парламентот, каде што прво треба да помине на комисиска расправа. Поднесени се над 7000 амандмани, главно од левицата.