Британија смета дека не е практично да испрати воени авиони во Украина

Илустрација: Британски воен авион Тафун

Илустрација: Британски воен авион Тафун

Велика Британија не верува дека е практично да испрати воени авиони во Украина, рече денеска портпаролот на премиерот Риши Сунак, откако Киев навести дека ќе се залага да добие западни борбени авиони.

„Британските... борбени авиони се исклучително софистицирани и потребни се месеци да се научи како да се лета. Со оглед на тоа, веруваме дека не е практично да се испратат тие авиони во Украина“, рече тој.

„Ќе продолжиме да разговараме со нашите сојузници за тоа што мислиме дека е вистинскиот пристап“, додаде портпаролот.

Заменик министерот за одбрана на Полска Војчех Скуркиевич исто така рече дека можноста за испраќање борбени авиони Ф-16 во Украина не е тема „на официјалните преговори“. Ден претходно и Соединетите Американски Држави одбија испраќање на такви авиони во Украина.

Полска има 48 авиони Ф-16 од американско производство.

Литванскиот претседател Гаитанас Науседа го повика Западот да ги задржи отворени сите опции за барањата на Украина за оружје, вклучително и борбени авиони.

Германија исто така одби испраќање воени авиони во Украина, додека францускиот претседател Емануел Макрон внимателно рече дека „ништо не е исклучено“, но предупреди на опасноста од ескалација на судирите.

Западот ја снабдува Украина со оружје за да може да се одбрани од руската агресија која почна пред една година.