Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, утре ќе присуствува на церемонијата по повод почетокот на работите на изградбата на гасниот интерконектор Бугарија-Србија, соопшти денеска Кабинетот на српскиот претседател.
Во соопштението се наведува дека по тој повод Вучиќ ќе разговара со претседателот на Бугарија, Румен Радев.
Меѓусистемската гасна врска „Бугарија-Србија“ (ИБС) во Србија ќе биде долга 109 километри, а вкупната должина на двонасочниот гасовод низ двете земји е 170 километри, од Нови Искар кај Софија до Ниш.
Гасоводот има капацитет од 1,8 милијарди кубни метри гас годишно и е проект од заеднички интерес за Европската унија.
Вкупната вредност на гасниот интерконектор Ниш – Димитровград – Бугарија, според проценката на Европската инвестициска банка, е 85,5 милиони евра, од кои ЕИБ дава 25 милиони евра во форма на заем, 49,6 милиони се неповратни ЕУ кофинансирање од ИПА фондовите, а остатокот ќе бидат трошоци што ќе се покриваат од буџетот на Србија и сопствени средства на ЈП „Србијагас“.
Овој гасовод ќе ја зголеми диверзификацијата на изворите на Енергија во Србија, зашто нема да биде зависна само од руски гас. Преку оваа врска ќе може да добива гас и од Азербејџан, а преку идниот терминал за течен гас во Александрополис во Грција ќе може да прима гас од целиот свет.