Русија започна со нови напади на истокот на Украина

Украински војници на оклопен транспортер МТ-ЛБ во регионот Доњецк, 30 јануари 2023 година

Руските трупи започнаа нов бран напади врз украинските позиции и цивилните населби, соопшти денеска украинската војска. Тешките борби продолжија со несмалено темпо на истокот на Украина, а претседателот Володимир Зеленски оцени дека ситуацијата и понатаму е „многу тешка“. Вуледар, град во регионот Доњецк, стана најновата фокусна точка на битката за контрола на источна Украина. Генералштабот на вооружените сили на Украина извести за три руски воздушни напади и четири ракетни напади, како и за повеќе од 60 напади од ракетни системи кои ги таргетирале украинските населби.

Видете и ова: Русија тврди дека остварила мал напредок, Украина чека оружје

„Непријателот продолжува да спроведува офанзивни дејства во правците Лиман и Бахмут, претрпувајќи големи загуби“, се вели во утринскиот извештај на Генералштабот. Украинската војска, исто така, ги отфрли тврдењата на Денис Пушилин, администратор на делови од регионот на Доњецк под контрола на Русија, дека Русите напредувале во близина на Вуледар. „Не ги загубивме нашите позиции“, рече Евген Јерин, портпарол на украинската војска задолжен за областа. Ниту руските ниту украинските тврдења не можеа да се проверат независно. Руски функционер изјави дека Москва преселила дополнителни сили и опрема во регионот Курск на границата со Украина за да ја заштити границата и да обезбеди безбедност. Регионалниот гувернер Роман Старовоит на состанокот на локалната администрација изјави дека во Курск веќе е формиран персонал од вооружените сили, граничарите и агенциите за спроведување на законот. Локалните власти тврдат дека областа била изложена на украинско гранатирање откако Русија ја нападна Украина пред речиси една година.