САД: Софија и Скопје да ја деескалираат реториката

Стејт департментот

САД ги повикуваат Бугарија и Северна Македонија да ја деескалираат својата реторика и брзо да ги решат билатералните спорови. Ова за Гласот на Америка го соопштија од Стејт департментот, одговарајќи на прашањето како ја коментираат одлуката на Бугарија да го повлече бугарскиот амбасадор од Скопје. „Иднината на Северна Македонија е во ЕУ. САД продолжуваат да ја поддржуваат целосната евроатлантска интеграција на земјата“, се вели во изјавата од Стејт департментот.

Видете и ова: Скопје и Софија нема да дозволат да се „распали оган“ на роденденот на Делчев

Бугарија во минатата недела го повлече амбасадорот по нападот на секретарот на бугарскиот клуб „Борис Трети“ во Охрид. Шефот на бугарската дипломатија Николај Милков тогаш најави дека нивниот амбасадор ќе остане во Софија се додека, како што рече, не биде регистриран напредок во однос на третманот на македонските граѓани со бугарска самосвест во Северна Македонија. Од македонското МНР, пак, потврдија дека бугарскиот амбасадор, сепак, се враќа на своите дипломатски должности во Скопје во полн капацитет.