Од Нетанјаху до Данела Арсовска

ЕУ - Европската унија (ЕУ) очекува Босна и Херцеговина, како земја-кандидат, целосно да ја усогласи својата надворешна, безбедносна и трговска политика со политиките на ЕУ, соопшти денеска Делегацијата на ЕУ во земјата.

БУГАРИЈА - Бугарскиот амбасадор во Скопје, Ангел Ангелов се враќа на своите дипломатски должности, откако минатата среда беше повлечен во Софија, потврдиле од Министерството за надворешни работи за МИА.

ЧЕШКА - Чешкиот претседател во заминување Милош Земан изјави дека одбивањето на Србија да воведе санкции против Русија може да биде предност за можната улога на земјата како посредник во војната во Украина.

РУСИЈА - Руските сили тврдат дека постигнале мали територијални придобивки во интензивните борби во источна Украина во услови на извештаи дека Москва распоредила дополнителни сили во регионот Курск на границата со Украина за да ја заштити границата и да осигура безбедност.

САД - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен за време на денешната посета на Ерусалим ги повика Израелците и Палестинците да ги намалат тензиите. Тој притоа го реафирмираше дводржавното мировно решение како „единствен пат“ напред.

ПАКИСТАН - Бројот на загинатите во бомбашкиот напад на џамија во полициски комплекс во пакистанскиот град Пешавар, според последните податоци, се искачи на најмалку 44 лица. Властите соопштија и дека се ранети повеќе од 150 луѓе.

ХРВАТСКА - Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, чија земја е членка на НАТО, денеска упати критика до западните земји за снабдување на Украина со тешки тенкови и друго оружје во нејзината кампања против инвазијата на руските сили. Тој рече дека е „лудо“ да се верува дека Русија може да биде поразена во конвенционална војна.

МАКЕДОНИЈА - Претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари ја потврди утрешната средба со премиерот Димитар Ковачевски на која ќе се разговара за можен влез на партијата во владината коалиција.
„Веќе имаме подготвено програма со пет точки во кои што ќе бидат нашите барања до мнозинството, до Владата. Ако се прифатливи за нив, ќе продолжиме да преговараме и за кадровските решенија. Ако не се подготвени, тогаш мислам дека наскоро ние треба да ја завршиме оваа приказна. Или ќе се договориме наскоро или ние ќе продолжиме во опозиција“, рече Таравари.

МАКЕДОНИЈА - Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ изјави денеска дека заканите за враќање на ветото од страна на Софија за членството на Северна Македонија во ЕУ го гледа како предизборен контекст во Бугарија, отколку како реална можност, бидејќи, според него, за тоа нема причина.

ФИНСКА / ШВЕДСКА - Финска го задржува својот план за влез во НАТО истовремено со нордискиот сосед Шведска, изјави денеска финскиот министер за надворешни работи Пека Хаависто. „Нашата силна желба е сè уште да влеземе во НАТО заедно со Шведска“, рече Хаависто на прес-конференција во Хелсинки.

МАКЕДОНИЈА / БУГАРИЈА - Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по денешната средба со неговиот бугарски колега Иван Демерџиев изјави дека разговарале за нападот врз генералниот секретар на бугарскиот клуб во Охрид, Христијан Пендиков и за претстојното чествување на роденденот на Гоце Делчев на 4 февруари.

УКРАИНА - Руска компанија соопшти дека ќе им понуди пет милиони рубљи (72.000 долари) во готовина на првите војници кои ќе ги уништат или заробат тенковите од западот во Украина. Соединетите држави, Германија и неколку други европски земји ветија дека ќе испратат во Украина десетици напредни борбени тенкови во следните неколку месеци за да помогнат во зајакнувањето на воениот капацитет на Украина.

МАКЕДОНИЈА - Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска на денешното гласање во Заедница на единиците на локална самоуправа на Македонија (ЗЕЛС) е разрешена од функцијата претседател на ЗЕЛС. Во соопштението на град Скопје се наведува дека на овој начин „уште еднаш на дело се покажа коалицијата помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ“, односно дека разрешувањето било постигнато „со здружени гласови на градоначалниците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ“.