Руските сили тврдат дека постигнале мали територијални придобивки во интензивните борби во источна Украина во услови на извештаи дека Москва распоредила дополнителни сили во регионот Курск на границата со Украина за да ја заштити границата и да осигура безбедност.
Киев денеска ги отфрли тврдењата на Денис Пушилин, гувернер на делови од Доњецк кои се под контрола на Русија,дека имало напредување во близина на градот Вуледар, епицентарот на тековните борби во битката за контрола на источна Украина.
„Не ги загубивме нашите позиции“, рече Јевхен Јерин, портпарол на украинската војска задолжен за областа.
Украина ги повика своите западни сојузници да ја забрзаат испораката на тешко оружје кое беше ветено во изминатите неколку недели, додека се обидува да ја задржи територијата на исток.
Видете и ова: За Путин е тешко да победи во војната во Украина, но уште потешко да ја заврши
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја нарече ситуацијата на теренот „многу тешка“, при што руските сили „постојано се обидуваат да ја пробијат нашата одбрана“.
Соединетите држави и Германија се согласија да испратат тенкови Абрамс и Леопард 2 во Украина, додека Велика Британија претходно во јануари соопшти дека ќе испрати 14 тенкови Челинџер 2.
Германија, исто така, им дозволи на другите земји, како Норвешка и Полска, да ги испратат своите тенкови Леопард 2 од германско производство во Украина. Полска соопшти дека ќе и испорача уште 60 тенкови на Украина, покрај 14-те тенкови Леопард 2 што веќе ги вети.