ЕУ бара БиХ да воведе визи за руските државјани

Патник држи руски пасош. Илустрација.

Европската унија (ЕУ) очекува Босна и Херцеговина, како земја-кандидат, целосно да ја усогласи својата надворешна, безбедносна и трговска политика со политиките на ЕУ, соопшти денеска Делегацијата на ЕУ во земјата.

„Од Босна и Херцеговина се очекува целосно усогласување со визната политика на ЕУ, која не предвидува безвизен режим со Русија“, објаснуваат за Радио Слободна Европа (РСЕ) од Делегацијата на ЕУ во Босна и Херцеговина.

Оттаму додаваат дека во петтиот извештај на Мониторинг механизмот по визната либерализација од декември 2022 година е потврдено дека БиХ се уште ги исполнува критериумите за визна либерализација со Шенген зоната.

Потоа беше препорачано Босна и Херцеговина „приоритетно да ја усогласи својата визна политика со списокот на трети земји на кои им се потребни визи за ЕУ, особено оние трети земји кои претставуваат ризик од нерегуларна миграција или ризик по безбедноста на ЕУ“.

Видете и ова: Русија со осуда до ЕУ за доделувањето кандидатски статус на Босна

На 9 септември минатата година, поради руската инвазија на Украина, ЕУ повторно ги воведе визите за граѓаните на Руската Федерација, кои имаа полесен влез во ЕУ од 2007 година.

Оттогаш ЕУ ги применува општите правила за руските граѓани, па таксата за виза е зголемена од 35 на 80 евра. Потребна е и пообемна документација со апликацијата за виза, а процесот на обработка на апликацијата е подолг и порестриктивен.

Босна и Херцеговина, сепак, сè уште го применува безвизниот режим со Русија, со која потпиша Договор во 2013 година.Имено, Босна и Херцеговина сè уште не го усогласила визниот режим со визниот режим на ЕУ, иако има обврска да го стори тоа како земја која доби кандидатски статус за членство во ЕУ на 15 декември минатата година.