Претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари ја потврди утрешната средба со премиерот Димитар Ковачевски на која ќе се разговара за можен влез на партијата во владината коалиција.
„Веќе имаме подготвено програма со пет точки во кои што ќе бидат нашите барања до мнозинството, до Владата. Ако се прифатливи за нив, ќе продолжиме да преговараме и за кадровските решенија. Ако не се подготвени, тогаш мислам дека наскоро ние треба да ја завршиме оваа приказна. Или ќе се договориме наскоро или ние ќе продолжиме во опозиција“, рече тој на јавната дебата на тема „За вистинска реформа на фискалната децентрализација“ во организација на Институтот за јавни политики „Арбен Џафери“.
Во однос на уставните измени потребни за внесување на Бугарите во Прембулата со цел продолжување на евроинтегративниот пат на земјава, Таравари рече дека и да се во опозиција ќе гласаат за нивно донесување.
„Нормално, ние повторно ќе инсистираме, без разлика дали сме опозиција или власт, на одредени барања кои што се во нашата агенда како приоритети“, рече тој.
Видете и ова: Нема одлука за влез на Алијанса за Албанците во Владата, формиран е тим за преговориИ премиерот Димитар Ковачевски и лидер на владејачката СДСМ потврди дека утре во Владата ќе има средба со Таравари.
„Ќе разговараме за напредокот од последниот пат кога сме се виделе, но ќе разговараме, исто така, и за можна соработка и за законски и за програмски решенија кои можат да ги унапредат капацитетот на државата и Собранието и донесување на оние одлуки за остварување на нашата зацртана цел 2030 да бидеме земја членка на ЕУ“, истакна Ковачевски.
Ковачевски и лидерот на ДУИ, Али Ахмети претходно соопштија дека потребата за влез на Алијанса за Албанците во Владата е за пофункционално Собрание. Инаку, веќе неколку месеци траат најавите за можен влез на Алијанса за Албанците во Владата.