Министерот за правда Никола Тупанчевски денеска изјави дека се уште трае истрагата во врска со бегството од затворот Идризово на осуденикот Мемети Беким.
„Знаете дека првиот човек на Управата за извршување на санкции е разрешен и при коментирањето и сугерирањето за тоа каков би требало да биде правниот епилог за сиве овие настани што ни се случуваат, би требало да се има комплементарен пристап, а тоа значи каква и да е одговорноста и за кого било, би требало да биде индивидуална, констатирана и потенцирана. Сè уште трае истрагата, се уште се констатираат дефектите, недостатоците што беа поврзани со последните настани. Јас верувам дека сето тоа ќе има и правен епилог“, рече Тупанчевски.
Видете и ова: Управата за извршување санкции доби в.д директорДодека бил пренесуван од затворот кон болница Мемети пукал во затворски полицаец и побегнал. По неговото бегство беше разрешен директорот на Управата за извршување на санкции, Марјан Спасовски. За бегството на Мемети суспендирани од работа беа и командирот на одделение и припадниците на затворската полиција кои го вршеле спроводот на затвореникот.
Тупанчевски не сакаше да ги коментира информациите дека Министерството за правда ќе биде предмет на преговори за влез на Алијансата за Албанците во Владата.
„Дефинитивно она што вие го слушате, го слушам и јас. Немам некоја поконкретна информација. Сведоци сме дека има некакви поместувања, дека тоа се во иницијални преговори и разговори итн. Она што сакам да потенцирам и посебно да подвлечам е дека ние како Министерство за правда до последен ден, ако има последен ден од мандатот, ќе ја завршуваме и ќе ја вршиме својата функција и своите обврски онака како што сме ги замислиле. Сепак, тоа станува збор за некој тип на политички контекст, не би сакал јас да го коментирам“, рече Тупанчевски.
Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари утре ќе се сретне со премиерот Димитар Ковачевски за влегувањето на партијата во Владата.
Видете и ова: Клубот „Ванчо Михајлов“ не ги отстрани спорните содржини од социјалните мрежи во предвидениот рокТупанчевски додаде и дека до него не се пристигнати случаи од Комисијата формирана со измените на Законот за здруженија и фондации, а кои се однесуваат на имињата на бугарските клубови. Измените на Законот за здруженија ги поднесе опозициската ВМРО-ДПМНЕ по отворањето на бугарски здруженија и клубови во Македонија кои носат имиња на спорни историски личности.
Измените на законот за здруженија предвидуваат во иднина да не може да се регистрираат организации со контроверзни имиња, по примерот на здруженијата Иван (Ванчо) Михајлов и Цар Борис Трети и истоимените клубови. Овие здруженија и клубови ќе имаат време да ги сменат имињата, а доколку тоа не го направат во рок од три месеци, ќе бидат избришани од Централен регистар.