Протест на приватните превозници пред ЈСП во Автокоманда

Блокади и протест на приватните автобуски превозници во Скопје, 5 декември 2022 година

Дел од приватните превозници за денеска од девет часот најавија протест пред седиштето на ЈСП во Автокоманда. Според организаторите, работата околу решавањето на нивниот проблем се одолговлекува, а тие се без работа и имаат трошоци. На протестот ќе се бара средба со директорот на ЈСП, а се подготвуваат и барања за средби во Град Скопје и до Владата. Како што информираше Милорад Димитријевски, еден од сопствениците на „Макекпрес“, на протестот уште еднаш ќе ги побараат средствата што им ги должи ова јавно претпријатие. Тој додаде дека минатата недела на „Слобода превоз“ им биле префрлени само 5.000 денари, додека на „Макекспрес“ од 02.11.2022 година кога било последното исплаќање не им било даден ниту денар.

Град Скопје: нема интерес на јавниот повик за извршување на јавниот превоз

Град Скопје објави два јавни огласи за пакет линии во јавниот градски превоз, откако го раскина договорот со приватните превозници, кои го блокираа центарот на Скопје барајќи Градот и ЈСП да им го исплатат долгот од 1,5 милиони евра. И на двата огласи, не се пријави ниту еден заинтересиран. Во моментов, јавниот градски превоз го врши само ЈСП со помалку автобуси отколку што му се потребни на градот.