Министерот за внатрешни работи на Македонија Оливер Спасовски утре ќе биде домаќин на бугарската делегација предводена од вицепремиерот за јавен ред и безбедност и министер за внатрешни работи на Република Бугарија Иван Демерџиев, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР). Изјави од министрите не се предвидени, а на крајот од официјалната средба ќе биде објавено соопштение за медиумите.
Посетата на Дерменџиев беше најавена во петокот, по телефонскиот разговор на премиерите на Бугарија и на Северна Македонија, Галаб Донев и Димитар Ковачевски. Тие разговарале за актуелните случувања во односите меѓу двете земји. Прес-службите на двете Влади соопштија дека двајцата премиери разговарале за потребата претстојните празнувања на 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, да се одвиваат мирно и непречено.
Во таа насока, за утре, беше најавена посетата на вршителот на должноста вицепремиер и министер за внатрешни работи на Бугарија Иван Демерџиев и претседателот на државната агенција „Национална безбедност“ Пламен Тончев, кои ќе имаат работна средба со своите македонски колеги во Скопје на која ќе ги прецизираат заедничките активности за да се гарантира мирно и безбедно одбележување на 4 февруари.
Одбележувањето на годишнината од раѓањето на револуционерот Гоце Делчев е нов предизвик во односите меѓу соседните земји, кои во изминатиот период повторно се затегнати. Македонсиот претседател Стево Пендаровски го оцени како настан од висок ризик. Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ најави дека на денот на чествувањето ќе организира стража пред гробот на Делчев во скопската црква Свети Спас. За тој ден посета најавија и група на граѓани од Бугарија.
Видете и ова: „Гоце Делчев“ под стражаОдносите меѓу Македонија и Бугарија се напнати во изминатите повеќе од две години, откако Софија започна со блокада на македонските евроинтеграции во 2019 година.
Блокадата делумно се надмина летоска и преговорите на земјава со ЕУ почнаа, но Бугарија го условува отворањето на поглавјата со внесување на Бугарите во македонскиот Устав, за што во моментов го нема потребното двотретинско мнозинство.
Односите меѓу Македонија и Бугарија, повторно станаа „жешка“ тема, откако минатата недела беше претепан Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ од Охрид. По овој настан, но и по изјавите на бугарскиот европратеник Александар Џамбаски дека „Македонија е бугарска“, се затегнаа односите меѓу Скопје и Софија. Потоа беше повлечен бугарскиот амбасадор од Македонија, а Бугарија се закани со можно вето.