Протест пред седиштето на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје (ЈСП) за утре во 9 часот наутро најавија дел од приватните автобуски превозници, кои до неодамна беа дел од јавниот превоз во Скопје. Во автобускиот превоз, освен автобусите на ЈСП, беа вклучени и приватни превозници на Макекспрес и Слободна превоз. Град Скопје, кон крајот на минатата година, ги раскина договорите со приватните превозници.
Тие протестираа и блокираат крстосници во Скопје, оти ЈСП и Град Скопје им должат пари.
Откако Градот ги раскина договорите со двете здруженија на приватни превозници линиите на кои возеа приватниците ги пополнија со автобуси на ЈСП.
Потоа Град Скопје отвори повик приватниците повторно да се јават на оглас, но никој не се јави.
Исен Халили од „Макекспрес“ во изјава за МИА вели дека вчера се одржал состанок на лица од двете компании, на кој е одлучено да се протестира во текот на утрешниот ден. Тој вели дека целата работа околу решавањето на нивниот проблем се одолговлекува, а тие се без работа и имаат трошоци.
На протестот ќе се бара средба со директорот на ЈСП, а се подготвуваат и барања за прием до Град Скопје и до Владата.
МИА го контактираше и Ленин Јовановски од „Слобода превоз“, кој кажа дека тој лично не е информиран за протест што ќе се одржи утре пред седиштето на ЈСП во Автокоманда.