Украина воведе санкции против 182 руски и белоруски компании

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, Киев, Украина, 28 јануари 2023

Украина воведе санкции против 182 руски и белоруски компании, но и против три лица. Ова се најновите чекори на украинскиот претседател Володимир Зеленски во обидите да ги блокира врските на Москва и Минск со неговата земја.

„Нивниот имот во Украина е блокиран, нивниот имот ќе се користи за наша одбрана“, рече Зеленски во видео-обраќање во сабота, 28 јануари, пренесува Ројтерс.

Санкционираните компании главно се занимаваат со транспорт на стоки, изнајмување возила и хемиско производство, се наведува во списокот објавен од Украинскиот национален совет за безбедност и одбрана.

Украина санкционираше стотици руски и белоруски поединци и компании по почетокот на руската инвазија на Украина, во февруари минатата година.

Советот на Европската унија (ЕУ) на 27 јануари ги продолжи санкциите за одредени сектори на руската економија за шест месеци, до 31 јули.

Санкциите, кои првпат беа воведени во 2014 година, по анексијата на полуостровот Крим, беа значително продолжени од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Видете и ова: Фон дер Лајен – Украина има безусловна поддршка

Санкциите вклучуваат ограничувања на трговијата, финансиите, технологијата, индустријата, транспортот и луксузните стоки.

Мрежата за трансакции SWIFT е прекината за неколку руски банки, а емитувањето на одредени содржини од Русија е суспендирано.