Поранешниот армиски началник и висок функционер на НАТО, Петр Павел победи на претседателските избори во Чешка. Тој вети дека земјата ќе остане цврсто закотвена на Западот и ќе ги премости политичките разлики во општеството.
Павел, кој има 61 година, е пензиониран генерал и првпат се кандидираше за функцијата претседател. Тој освои 58,3 отсто од гласовите, од сите гласачки окрузи кои ги објавија конечните резултати, победувајќи го милијардерот и поранешен премиер Андреј Бабиш.
Павел, социјал-либерал кој водеше кампања како независен и ја доби поддршката од централно-десничарската влада, пренесе порака за единство кога им се обрати на своите поддржувачи и новинари во Прага.
„Убеден сум дека овие вредности ги споделува огромното мнозинство од нас, вреди да се обидеме да ги направиме дел од нашите животи, а исто така да ги вратиме во Прашкиот замок и нашата политика“, изјави Павел.
Чешките претседатели немаат многу секојдневни должности, но тие избираат премиери и шефови на централни банки, имаат збор во надворешната политика и се моќни креатори на мислењето.
Павел ќе ја преземе функцијата во март, заменувајќи го Милош Земан, кој го поддржа Бабиш да биде негов наследник.
Земан се залагаше за поблиски врски со Пекинг и со Москва додека Русија не ја нападна Украина, а изборот на Павел ќе означи остра промена.
Излезноста на вториот круг од изборите, што заврши во саботата, беше рекордно висока 70,2 отсто.
Резултатите од изборите ќе бидат официјали кога ќе бидат објавени во службен весник во вторник.
Бабиш и премиерот Петр Фиала му ја честитаа победата на Павел. Либералната претседателка на Словачка Зузана Капутова се појави во седиштето на Павел за да му честита, што претставува демонстрација на нивните блиски политички позиции.
Видете и ова: Чесите бираат претседател
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на Твитер му честиташе на Павел за неговиот избор и рече дека се радува на блиска соработка.
Павел поддржува централноевропската земја од 10,5 милиони жители цврсто да се држи до Европската унија и воениот сојуз на НАТО и ја поддржува континуираната помош на владата за Украина.
Тој го поддржува усвојувањето на еврото, тема што последователните влади ја одржуваа во втор план, и ги поддржува истополовите бракови и другите прогресивни политики.