Херојска стража и целодневно присуство на гробот на Гоце Делчев на денот кога се одбележува неговиот роденден, 4 февруари, најави Централниот Комитет на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ, „Гоце Делчев“.
Денеска Комитетот заседавал, по што претседателот на ова тело, Александар Пандов ги повика сите граѓани, почитувачи на делото на Делчев, да изразат заедничка мирна и достоинствена почит кон великанот. Комитетот ги осудува „шовинизмот и негаторските политики кои доаѓаат од Бугарија и се дополнително распламтувани од поединци од бугарската политика“, рече Пандов.
Тој упати и повик до Владата, како што рече, поенергично да реагира во однос на негаторската политика и да преземе адекватни мерки кои ќе обезбедат почитување на македонскиот идентитет и посебност.
„Секоја негација кон постоењето на македонскиот народ и неговите обележја треба да бидат проследени со протесна нота и реакција на македонските институции. Државата постои за народот, а не народот за државата“, изјави Пандов за новинарите, пред партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ.
Видете и ова: Борисов - Гледам обид за враќање на Северна Македонија под руско влијание
На 4 февруари е најавено одбележување на 151-годишнината од раѓањето на револуционерот Гоце Делчев, за кога е најавено доаѓање на поголема група бугарски граѓани во Скопје, а истовремено активисти на ВМРО-ДПМНЕ најавија дека уште од утринските часови Македонци ќе бидат во црквата „Свети Спас“.
На темата како да се гарантира мирно и безбедно одбележување на 4 февруари, в понеделник на 30 јануари во Скопје ќе разговараат македонскиот премиер Димитар Ковачевски и вршителот на должноста вицепремиер и министер за внатрешни работи на Бугарија Иван Демерџиев и претседателот на државната агенција „Национална безбедност“ Пламен Тончев. Тие треба да ги прецизираат заедничките активности.