Полицијата во Мемфис, САД, објави снимка на која се гледа како петмина, сега веќе, поранешни полицајци клоцаат човек што го запреле за време на сообраќајна контрола, додека тој ја повикува мајка си. Снимките од надзорните служби се објавени на 27 јануари.
Афроамериканецот Тајр Николс бил сопрен од полицајците на 7 јануари 2023, поради несовесно возење. Три дена подоцна тој почина во болница од повредите што му биле нанесени кога полицијата го запрела. Но, на снимката објавена дваесет дена подоцна се гледа како полицајците го удираат со нозе, раце и со пендреци.
Ден пред објавувањето на снимката од надзорот, сега поранешните полицајци беа обвинети за убиство од втор степен, напад, киднапирање, недолично однесување и угнетување.
И обвинетите сега веќе поранешни полицајци се Афроамериканци.
Четирите објавени видеа покажуваат агресивна ескалација на насилството насочено кон возач за кој полицијата првично рече дека бил запрен поради несовесно возење. Шефот на полицијата подоцна изјави дека причината за застанувањето не е потврдена.
По објавувањето на видеото, избија протести во повеќе градови. Демонстрантите во Мемфис маршираа по магистралниот пат, запирајќи го сообраќајот.
Три лица се уапсени поради оштетување на полициско возило за време на протест во Њујорк. Демонстрациите беа главно мирни во другите градови, вклучувајќи ги Атланта, Вашингтон и Сакраменто.
Видете и ова: Убиецот на Џорџ Флојд поднесе жалба на пресудатаНа првото видео објавено во петокот се гледа како полицајците го повлекуваат Николс од неговото седиште додека тој вели: „Не направив ништо... Само се обидувам да си одам дома“.
Полицајците го туркаат на земја додека му наредувале да легне на стомак и го прскаат со бибер спреј по лицето.
Николс се ослободува и трча по патот додека полицајците го бркаат.
Втората снимка покажуваа како полицајците го стигнуваат Николс. Двајца полицајци го држат додека третиот го удира, а четвртиот го удира со палка.
На видеото се слуша како Николс ја повикува мајка си, додека се бори со полицајците. Неговата мајка подоцна изјави дека нејзиниот син бил само 80 метри оддалечен од куќата кога бил претепан.
Шефот на полицијата во Мемфис, Серелин Дејвис, пред објавувањето на видеото изјави дека на снимките се гледа однесување на полицајците кое му пркоси на човечноста.
Американскиот претседател Џо Бајден рече дека е „огорчен“ и „длабоко повреден“ откако ги гледал снимките.
Семејството на Тајр Николс како и американскиот претседател апелираа на смиреност во Мемфис, град со 628.000 жители во кој речиси 65 отсто од жителите се Афроамериканци.
Инциденти на полициска бруталност против Афроамериканците во минатото предизвикаа гнев и повици за полициски реформи во САД.
Во мај 2020 година, избувнаа протести низ САД и светот по убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд, кој почина откако полицаец од Минеаполис го притискал со колено на вратот повеќе од осум минути.