САД воведоа санкции за радикалите Радета и Јојиќ

Вјерица Радета во судот во Белград, за поддршка на радикалниот лидер Воислав Шешељ, септември 2021 година

Соединетите Американски Држави воведоа санкции за членовите на Српската радикална партија и поранешните пратеници во српското Собрание, Вјерица Радета и Петар Јојиќ, поради нивната вмешаност во корупција, објави американскиот Стејт департмент на 27 јануари.

„Додека беа пратеници во српскиот парламент, Радета и Јојиќ ги поткупуваа и заплашуваа сведоците на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија со цел да ги одвратат од изнесување инкриминирачки докази против лидерот на Српската радикална партија, Воислав Шешељ, кој подоцна беше осуден за воени злосторства“, се наведува во изјавата на портпаролот Нед Прајс.

Видете и ова: САД го зголемуваат притисокот против корупцијата во Македонија и на Балканот

Се додава дека однесувањето на Радета и Јојиќ го попречувало судскиот процес, поради што Трибуналот во Хаг распишал меѓународни потерници за нивно апсење, како и дека ја загрозувало регионалната стабилност и негативно влијаело на интересите на САД.

Санкциите го опфаќаат и синот на Петр Јојиќ, Гојко Јојиќ.

Во изјавата се нагласува и дека санкциите ја потврдуваат „посветеноста на САД во борбата против корупцијата која му штети на јавниот интерес, го попречува економскиот просперитет на партнерите и ја ограничува способноста на владите ефективно да одговорат на потребите на граѓаните“.

Како што се наведува во соопштението, САД ја поддржуваат демократијата и владеењето на правото во Србија и продолжуваат да бараат одговорност за оние кои ја злоупотребуваат јавната моќ за лична корист.