Зеленски ја поздрави полската испорака на тенкови во Украина

илустрација

Полска ќе и испорача на Киев дополнителни 60 тенкови за одбрана од руска агресија, а потегот на Варшава го поздрави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Благодарност до Полска за важната одлука да испорача 60 тенкови во Украина - од кои 30 се познатиот ПТ-91 Тварди, заедно со 14 леопарди“, напиша Зеленски на Твитер на 27 јануари.

Претходно оваа недела, на Украина и беа ветени борбени тенкови од Германија и Соединетите Држави.

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки најави испорака на тенковите на 26 јануари, во интервју за канадската CTV News.

„Во моментов сме подготвени да испратиме 60 наши модернизирани тенкови, од кои 30 се ПТ-91. И згора на тоа, 14 тенкови Леопард 2“, рече тој.

Видете и ова: Западните тенкови „витални“ во обидот на Украина да ги истера руските сили

Тенковите што Полска веќе ги испрати се претежно советски модели Т-72, од кои PT-91 е модернизирана верзија.

По неколкунеделни дипломатски расправии, САД и Германија најавија испорака на нивните тешки тенкови Абрамс и Леопард на Украина на 25 јануари. Овој потег се смета за пробив во напорите за поддршка на разурнатата Украина од војната.

Исто така, Германија им дозволи на другите земји да испратат тенкови Леопард од германско производство во Украина. Украинските воени команданти изјавија дека оружјето ќе помогне во контраофанзивата и ќе го намали бројот на убиени украински војници во војната.

Војната во Украина започна на 24 февруари 2022 година. Рускиот претседател Владимир Путин ја нарекува војната „специјална воена операција“ за демилитаризација на Украина.