Премиерите на Бугарија и на Северна Македонија, Галаб Донев и Димитар Ковачевски, денеска имале телефонски разговор за актуелните случувања во односите меѓу двете земји.
„Премиерот Ковачевски во разговорот со техничкиот премиер Донев потенцираше дека Република Северна Македонија, согласно уставното уредување гарантира остварување на правата на секој граѓанин кој живее во државата. Во контекст на случувањата и претстојното чествување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, беше потенцирано дека активностите на поединци, без разлика дали се граѓани на Република Бугарија или на Република Северна Македонија кои ќе бидат во насока на оневозможување на мирно и безбедно чествување на празникот, ќе бидат соодветно санкционирани, како што се очекува да постапи и бугарската страна“, се вели во соопштението од прес службата на македонската Влада.
Прес-службата на бугарската Влада соопшти дека двајцата премиери разговарале за потребата претстојните празнувања на 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев да се одвиваат мирно и непречено.
„Донев и Ковачевски разговараа и за придобивките од подлабоката соработка меѓу двете земји во областа на безбедноста, особено во случаите на криминални дејствија или закани врз граѓани на Република Северна Македонија со бугарски идентитет. Во разговорот, премиерот Донев повторно потсети на очекувањата, Република Северна Македонија да ги преземе неопходните активности за ставање крај на говорот и актите на омраза, како и за почитување на правата на македонските Бугари,“ се наведува во соопштението од прес-службата на бугарската влада.
Видете и ова: МВР ќе обезбедува, засега нема забрана за влез на бугарски политичариВо таа насока, в понеделник на 30 јануари вршителот на должноста вицепремиер и министер за внатрешни работи на Бугарија Иван Демерџиев и претседателот на државната агенција „Национална безбедност“ Пламен Тончев ќе имаат работна средба со своите македонски колеги во Скопје на која ќе ги прецизираат заедничките активности за да се гарантира мирно и безбедно одбележување на 4 февруари.
Бугарската фондација „Македонија“ повика на организирана посета на Бугари на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје на 4-ти февруари, а Советот за безбедност го прогласи за настан од висок безбедносен ризик поради влошувањето на македонско-бугарските односи во последниот период.