На поштарот му треба цел месец за неколку километри низ Скопје

Илустративна

Граѓани се жалат на проблеми при достава на пратки од Македонската пошта. Искуството на РСЕ го потврди проблемот, додека чекаме да стигнат новогодишните честитки, пошта ги поскапе дел од услугите.

По цел месец е потребен за писмата кои патуваат во Скопје по пошта да стигнат до назначената адреса. Дел од нив и воопшто и не стигаат. Такво е искуството на редакцијата на Радио Слободна Европа со новогодишните честитките кои на 15 декември од поштата во Скопје ги пуштивме на пет адреси, со цел да ги честитаме празниците, но и да видиме кога ќе стигнат.

Празниците поминаа, а честитките не стигнаа. Изненадувањето се случи на 11 јануари, скоро еден месец по испраќањето, кога поштарот во ист ден донесе честитки на три адреси – во Центар, Лисиче и Ченто. Месец и половина од испраќањето, уште ги нема честитките испратени на адреси во Влае и Соње, иако според „Гугл мап“ до двете места и пеш се стигнува за 2 часа, а со автомобил за дваесетина минути.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Празниците поминаа - честитки по пошта не стигнаа

Македонска пошта, или по ново „Пошта на Република Северна Македонија“ е акционерско друштво во државна сопственост кое со години има проблеми во работењето. Тоа може да се заклучи и според растот на долгот на претпријатието, но и според искуства на граѓаните и коментарите по социјалните мрежи.

Един Адемовиќ од Скопје одвреме навреме ги користи нејзините услуги, главно за нарачки од странство. Вели дека секогаш ја активира услугата за следење пратка, и без исклучок доцнењето се јавува кога пратката ќе стигне до македонската пошта. Со недели треба да чека известување дека може да си ја подигне пратката, а само во последниве месеци двапати и воопшто не примил вакво известување.

„Одам во Пошта и типично Југославија шалтер систем. Не си тука, не ваму, не таму, види со овој види со оној. Едната добро, успешно си ја подигнав, втората никогаш не можеа да ја најдат и се откажав. За среќа беа некои стакла за телефон, ништо страшно“, вели Адемовиќ.

Видете и ова: Новогодишните честитки заглавија во пошта

Адемовиќ не се жалел до пошта за овој проблем, ама како примач на пратка и да сака не може да се пожали за нешто што не го добил. Како што појаснуваат од Агенцијата за пошти, во рок од три месеци може да се жали испраќачот на пратката, писмено, до давателот на поштенските услуги. Правото за поднесување рекламација од страна на примачите може да се искористи во случаите кога добиле оштетена пратка.

„Давателите на поштенски услуги во рок од 30 дена треба да одговорат на рекламациите кои се однесуваат за поштенските пратки во внатрешниот поштенски сообраќај, и најдоцна во рок од два месеца да одговорат на рекламациите кои се однесуваат на поштенските пратки во меѓународниот сообраќај. Доколку се утврди дека рекламацијата е оправдана, за препорачаните пратки и пратки кои се со означена вредност, давателот е должен да го обештети корисникот кој платил поштенската услуга“, појаснуваат од Агенцијата.

Испраќањето честитка по пошта во домашниот сообраќај, односно писмо до 50 грама како во нашиот случај, чини 25 денари, па оттука многумина одлучуваат да не се жалат. Тоа го покажуваат и статистиките. Најголем процент на рекламации во секторот, кај сите даватели на поштенски услуги, во првото полугодие на 2022, биле поднесени за оштетени и изгубени пакети, во 73 отсто од случаите. Во истиот период на ниво на сектор има раст на бројот на рекламации за поштенските услуги, но конкретно кај Македонска пошта е забележан пад. Во првото полугодие лани биле поднесени вкупно 273 рекламации, наспроти 458 во истиот период од 2021 година.

Видете и ова: Корупцијата годишно „јаде “ по еден нов Клинички центар

На почетокот на ноември од Пошта соопштија дека поради одржување и надградување на компјутерскиот систем, поштенската мрежа работела со намален капацитет и брзина, ама уверуваат дека немало прекин во доставата.

РСЕ упати и прашања за овие проблеми до државното претпријатие, но до објавувањето на текстот не стигна одговор. Од Синдикатот на АД пошта пак признаваат дека има проблем и го лоцираат во недостигот на поштари, превозни средства и опрема, но и во лошата систематизација и реонизација.

Во меѓувреме, од претпријатието ги објавија новите поскапи цени на дел од услугите, правдајќи се со раст на трошоците. Па така, од 1 февруари испраќањето обично писмо од 25, поскапува на 36 денари.

Со цел да и се помогне на Пошта, од Владата ги задолжија сите институции писма и останати пратки да праќаат преку ова претпријатие. Меѓу последните со кои е склучен договор е државната компанија АД „ЕСМ“, за достава на поштенски пратки во земјава и надвор од неа, како и за испорака на фактурите за парно во Скопје.

Во Влае и Соње нема централно парно, исто како и во Ченто и Лисиче, ама затоа го има во Центар, каде во нашиот случај беше потребен цел месец, за поштарот да ја донесе испратената честитка.