Американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија Карен Донфрид изјави дека Косово и Србија треба да донесат тешки одлуки и дека САД и ЕУ сакаат да им помогнат и да ги поддржат во тоа. „САД и Европската унија не се обидуваат да наметнат решение за односите меѓу Косово и Србија, туку да им помогнат да донесат тешки одлуки“, рече Донфрид во интервју за Гласот на Америка на албански јазик.
Американскиот функционер посочи дека постои можност земјите од Западен Балкан да напредуваат на патот на евроатлантските интеграции. „Ние ќе бидеме со нив, но можеме само да помогнеме и да се обидеме да ја обезбедиме таа иднина, а Косово и Србија треба да направат напорна работа“, додаде таа.
Видете и ова: Дачиќ: Србија е подготвена да работи на имплементација на француско-германскиот предлогДонфрид во врска со руската агресија врз Украина посочи дека оружјето што САД и многу други земји континуирано и го даваат на Украина треба да и овозможат подобра позиција во одбраната на својата територија од руската агресија. „Сега гледаме што прави Русија со својот сосед, не само на бојното поле, но и со бомбардирање на украинската цивилна инфраструктура, енергетски објекти“, рече американскиот функционер – со напомена дека Русија се обидува, како што вели, земјата од 44 милиони жители да ја турне во темнина и студена зима.
На прашањето дали руската инвазија на Украина го врати светот во ерата на Студената војна, Донфрид рече дека тоа не е Студена војна или натпревар меѓу САД и Русија. „Владимир Путин ја започна војната и може да ја заврши утре. Ако Русија престане да се бори - војната ќе заврши. Но, како што вели мојот шеф, секретарот Блинкен, ако Украина престане да се бори - таа ќе престане да постои“, рече таа.