Високиот комесар на ОН за бегалци Филипо Гранди предупреди дека со навлегувањето на руските сили во источна Украина Европејците треба да се подготват за нов бран раселени луѓе кои бегаат од борбите во таа земја. „Секое засилување на војната ризикува да предизвика нови раселувања... и ние треба да се подготвиме за тоа“, рече тој во Киев. Гранди додаде дека и порачале на украинската влада и на владите на соседните земји да бидат подготвени на секоја можност. Украинските власти оваа недела предупредија дека руските сили ја интензивираат офанзивата околу градот Бахмут во индустриската област Доњецк.
Видете и ова: Нов Маршалов план? Како Украина ќе биде обновенаСпоред ОН, конфликтите веќе принудија речиси осум милиони луѓе да ја напуштат Украина, а шест милиони се внатрешно раселени. Гранди рече дека за разлика од европските земји кои и дозволија на неговата организација да работи со украинските бегалци, Москва не го стори тоа. Тој рече дека ОН имаат многу ограничен, речиси непостоечки начин за проверка на бројот на бегалци во Русија. Украина ја обвинува Русија дека извршила присилна евакуација на украински цивили од градовите како Мариупол и Керсон на југот на земјата каде што минатата година се водеа жестоки борби. Гранди вели дека ОН треба да имаат слободен пристап за да се утврди ситуацијата.