ЕУ разгледува механизми за враќање на мигрантите со нерегуларен статус

илустрација

Европските министри за внатрешни работи ја изразија својата намера да го зголемат темпото на враќање на лицата во нерегуларен статус во нивните земји на потекло, а доколку е потребно, да се ограничи издавањето визи за граѓаните на „некооперативните“ земји. „Гледаме дека бројот на нередовни пристигнувања се зголемува. Враќањето на оние на кои им е одбиен азил во Европа е многу важно прашање“, рече шведската министерка задолжена за миграција, Марија Малмер Стенергард, чија земја е актуелна претседавач на Европската Унија. Од приближно 340.000 решенија за „враќање“ издадени во 2021 година во европските земји, 21 отсто биле спроведени, покажуваат податоците на Евростат, цитирани од Европската комисија.

Видете и ова: ЕУ предложи Акционен план за соработка со Западен Балкан за илегалната миграција

„Сегашното ниво (на враќање) е неприфатливо“, рече шведскиот министер по состанокот на министрите за внатрешни работи на ЕУ, оценувајќи дека една од главните причини за тоа е недостатокот на соработка од трети земји кои треба да ги вратат своите граѓани. На европско ниво, во 2020 година стапи на сила механизмот кој овозможува користење на визите како потпора за да се натераат тие земји да ги вратат своите граѓани. Шведското претседателство со Советот на ЕУ изјави дека постои силна поддршка меѓу земјите-членки на Унијата за искористување на тој механизам до полн потенцијал. „Доколку политичките и дипломатските напори (за подобрување на соработката со трети земји) не ги дадат очекуваните резултати, земјите-членки ја повикуваат Комисијата да претстави предлози за визните ограничувања“, рече Малмер Стенергард. По неколку години ограничувања на движењето поврзани со пандемијата, бројот на пристигнувања мигранти се зголеми во ЕУ, а имаше 330.000 „нередовни пристигнувања“ во 2022 година што е највисоко ниво од 2016 година.

Видете и ова: Рекорден број на баратели на азил во Европа во последните шест години

Меѓународната организација за миграција евидентирала 187.993 лица кои илегално влегле во ЕУ минатата година. Во 2022 година се регистрирани околу 924.000 барања за азил, што е зголемување за 50 отсто во однос на претходната година. А од таа бројка, 60 проценти можат да добијат негативен одговор.