Пендаровски, Радев, Тито, Сталин...
МАКЕДОНИЈА - Претседателот Стево Пендаровски одговори на обвинувањата на бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков. Пендаровски му возврати дека „тој не ја познава историјата, бидејќи дека на Голи оток не се одело зашто некој бил Македонец или Бугарин, туку дали си за Тито или за Сталин“.
БУГАРИЈА - Европската Унија треба да го гарантира почитувањето на правата и безбедноста на Бугарите во РСМ со истата енергија со која инсистираше на забрзување на нејзините евроинтеграции, му порачал во телефонски разговор бугарскиот претседател Румен Радев на комесарот за проширување и соседска политика на Европската Унија, Оливер Вархеји.
МАКЕДОНИЈА - Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири одговарајќи на пратеничко прашање на Бети Стаменкоска Трајкоска од ВМРО-ДПМНЕ порача дека целосно ќе се реализира наставната програма и целосно ќе се реализира се што е предвидено во датумите за државната матура и во делот за предвидените испити од матурата.
САД - Соединетите Држави ја означија групата Вагнер за „значајна транснационална криминална организација“ и воведоа санкции за поединци и ентитети во руската платеничка група која учествува во војната во Украина.
УКРАИНА - Украинските власти соопштија дека во денешниот бран руски воздушни напади врз главниот град Киев и другите градови загинале најмалку 11 лица. Портпаролот на Државната служба за вонредни состојби, Олександр Хорунжиј, додаде дека уште 11 лица биле повредени во, како што рече, „терористички напади со беспилотни летала и проектили“.
ЕУ - Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, на денешната средба со заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ побарал успешно и брзо спроведување на реформите и притоа порачал дека со политичкото обединување околу евроинтегративниот процес и уставните измени Северна Македонија да ја загарантира европската перспектива, соопшти СЕП.
ТУРЦИЈА - Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу денеска изјави дека е „бесмислено“ да се одржи трилатерален состанок со Шведска и Финска за да се разговара за нивните кандидатури за НАТО по протестите овој месец во Стокхолм.
МАКЕДОНИЈА - На утрешниот состанокот на Претседателството на Алијанса за Албанците се очекува да биде формиран тимот кој ќе ги води преговорите за влез во Владата, потврдиле за МИА од партијата.
МАКЕДОНИЈА - Министерот за правда Никола Тупанчески во врска со претепувањето на генералниот секретар на бугарскиот клуб во Охрид, Христијан Пендиков денеска изјави дека треба да се остави на истрагата и надлежните органи да го решат прашањето кое треба да добие правна разврска. Изјавата на Тупанчевски е одговор на пратеничко прашање од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски кој на дебатна емисија рече дека некои претставници од власта избрзале со давањето изјави како шефот на македонската дипломатија Бујар Османи.
ИЗРАЕЛ - Најмалку деветмина Палестинци загинаа изутрината, меѓу кои и една 60-годишна жена, во судирите со израелските војници во окупираниот град Џенин на Западниот Брег, соопшти палестинското Министерство за здравство. Израелската армија во кратко соопштение објави дека влегла во бегалскиот камп Џенин, упориште на екстремисти на Западниот Брег, каде што осомничените екстремисти се апсат речиси секој ден речиси една година, но не откри други детали, пренесе АП.
МАКЕДОНИЈА - „Ја уверувам македонската јавност дека Министерството за внатрешни работи ќе направи се согласно сите закони, согласно Устав чествувањето на 4 февруари – роденденот на Гоце Делчев, да биде на достоинствен и мирен начин и ќе биде гарантирана безбедноста на сите граѓани во државата“, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.
ЕУ - Евроамбасадорот Дејвид Гир ја осуди изјавата на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски во врска со територијалните претензии и ја оцени како неприфатлива. Во врска со неодамнешните изјави на европратеникот Џамбаски за територијални претензии, амбасадорот Гир потсети дека и Европскиот парламент и бугарското МНР се оградија од овие изјави. Тој подвлече дека таквите тврдења не ја претставуваат и не можат да ја претставуваат ЕУ. За вчерашните забелешки кон претседателот Пендаровски, кои може да се протолкуваат како закана, амбасадорот Гир истакна дека тоа апсолутно не го претставува ставот на ЕУ.
МАКЕДОНИЈА - „Не е точна информацијата дека на МКЦ му се скратени 90 проценти од буџетот. Но, нема да дозволиме МКЦ некој да го користи како „параван“ за да го скрие сопственото манипулативно однесување“, изјави градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска на денешната прес-конференција. Таа информираше дека в.д. директорот на МКЦ не е разрешен од таа функција која ја извршуваше, туку договорот врз основа на кој беше назначен за вршител на должноста, согласно законот му завршил.
КОСОВО - Специјалниот претставник на Европската унија за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, објави дека се согласил со премиерот на Косово Албин Курти и вицепремиерот Бесник Бислими дека мора целосно да се спроведат сите претходно постигнати договори во дијалогот. „Се вратив во Косово за да продолжам со искрени, отворени и интензивни разговори со премиерот Курти и вицепремиерот Бислими за следните чекори и напредок во нормализацијата на односите со Србија“, објави Лајчак на Твитер.