Американскиот државен секретар Антони Блинкен ќе отпатува во Египет, Израел и Западниот Брег од недела до вторник за да разговара со регионалните лидери за зголемените тензии меѓу Израелците и Палестинците, како и за војната во Украина, соопшти Стејт департментот.
Посетата на највисокиот американски дипломат беше најавена по само неколку часа, откако според палестинските власти, израелските војници убиле седум вооружени лица и двајца цивили во окупираниот Западен Брег, предизвикувајќи страв од натамошни разгорувања по најголемиот број на загинати во повеќегодишните борби.
Видете и ова: Во жестоки судири со израелската армија загинале деветмина ПалестинциБлинкен на состаноците со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и палестинскиот претседател Махмуд Абас, според најавите, ќе разговара за израелско-палестинските односи и зачувување на решението за израелско-палестинскиот конфликт.
„Со израелските и палестинските лидери, секретарот ќе ја нагласи итната потреба страните да преземат чекори за деескалација на тензиите со цел да се стави крај на циклусот на насилство што однесе премногу невини животи“, рече портпаролот на Стејт Департментот, Нед Прајс.
Патувањето на Блинкен доаѓа по посетата на Израел минатата недела на советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан каде со властите разговараше за војната во Украина и загриженоста за поддршката на Иран за руската инвазија преку обезбедување беспилотни летала.
Во Каиро, како што наведе Прајс, Блинкен ќе се сретне со претседателот Абдел Фатах Ел-Сиси и други египетски претставници, со цел зајакнување на стратешкото партнерство на двете земји и зајакнување на нивната заедничка поддршка за изборите во Либија и разговорите за формирање на цивилна влада во Судан по воениот удар во 2021 година.