Соединетите Држави ја означија групата Вагнер за „значајна транснационална криминална организација“ и воведоа санкции за поединци и ентитети во руската платеничка група која учествува во војната во Украина.
Министерството за финансии на САД денеска соопшти дека дополнителните нови санкции се насочени кон шест поединци и 12 ентитети, вклучително и кинески давател на сателитски снимки, како и компании и луѓе во Централноафриканската Република, каде што Вагнер има активни платени борци и во Обединетите Арапски Емирати.
Илјадници војници на Вагнер се борат во Украина, а основачот на Вагнер, Евгениј Пригожин, е сè погласен во неговите напори да ги преземе заслугите за придобивките на бојното поле. Тој, исто така, е снимен како регрутира борци од руските затвори, ветувајќи помилување во замена за акција на бојното поле.
Видете и ова: Претседателот на руската Дума ја поддржа забраната за јавна критика на ВагнерУкраинските и западните власти ги обвинија војниците на Вагнер за злосторствата врз цивилите во руската инвазија, која е во 12-тиот месец.
Министерството за финансии соопшти дека персоналот на Вагнер „се ангажирал во сериозни криминални активности, вклучувајќи масовни егзекуции, силувања, киднапирања деца и физичко малтретирање во Централноафриканската Република и Мали“.
„Додека руската војска се бореше на бојното поле, Путин прибегна кон потпирање на групата [Вагнер] за да ја продолжи војната која сам ја избра“, соопшти Министерството за финансии.