Ковачевски: МВР презема активности за безбедно чествување на роденденот на Гоце Делчев

Димитар Ковачевски

„Ја уверувам македонската јавност дека Министерството за внатрешни работи ќе направи се согласно сите закони, согласно Устав чествувањето на 4 февруари – роденденот на Гоце Делчев, да биде на достоинствен и мирен начин и ќе биде гарантирана безбедноста на сите граѓани во државата“, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски од собраниската говорница одговарајќи на прашање од пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ. Настанот, како што рече, е карактеризиран како настан од висок ризик во однос на изјавите кои доаѓаат и од внатре и од надвор и согласно тоа МВР, додаде, е задолжено согласно своите процедури и закон да организира мирно чествување и за таа цел МВР веќе ги презема потребните активности.

Видете и ова: Османи - Реакцијата на Бугарија е диспропорционална

„Во однос на случувањата кои ја окупираат јавноста по настанот во Охрид и реториката после тоа, тоа што можам да кажам е дека во Северна Македонија не постои антибугарска омраза и хистерија како што некој сака да презентира. За последните инциденти и сите останати има одговорни лица, тоа се акти на поединци и не може цела држава и нација да се обвинат за постапка на неколкумина поединци“, нагласи Ковачевски.