Арсовска: на МКЦ не му се скратени 90 проценти од буџетот, деманти од МКЦ и ВМРО ДПМНЕ

Данела Арсовска

„Не е точна информацијата дека на МКЦ му се скратени 90 проценти од буџетот. Но, нема да дозволиме МКЦ некој да го користи како „параван“ за да го скрие сопственото манипулативно однесување“, изјави градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска на денешната прес-конференција. Таа информираше дека в.д. директорот на МКЦ не е разрешен од таа функција која ја извршуваше, туку договорот врз основа на кој беше назначен за вршител на должноста, согласно законот му завршил. „Што се однесува до лажните вести за новоден притисок врз претходниот в.д. директор на МКЦ, во целост ги отфрламе овие обвинувања и најавувам доколку Ванчо Богоев во рок од 48 часа не се извини за изнесените лаги, изнесеното ќе треба да си го докажува пред надлежен суд. Уште минатата недела во МКЦ почна спроведување на редовна годишна ревизија која е планирана уште од минатата година. Забележани се неколку недоследности кои беа клучни при носењето на одлуката за функцијата на Богоев како в.д. директор“, додаде таа.

Видете и ова: Протестен собир „Сите за МКЦ“ денеска во Скопје

Арсовска информираше дека во минатата година на МКЦ од основниот буџет на Град Скопје му биле одобрени 10,7 милиони денари, а оваа година од основниот буџет на Градот се одвиени 8,7 милиони денари. „Намалувањето во вкупен износ е незначително и во ниту еден случај не е затоа што Градот нема интерес оваа институција да функционира туку напротив, Младинскиот културен центар мора да работи и може да работи самоодржливо со капацитети со кои располага, рече Арсовска. Програмскиот колегиум на ЈУ МКЦ веднаш изрази „шокиран и целосна згрозеност“ од изнесувањата на прес конференцијата на Градоначалничката на Град Скопје. „Најостро ги демантираме изнесувањата на прес конференцијата кои содржат тешки инсинуации, неосновани обвинувања и податоци, како и непоткрепени информации целосно извадени од контекст. Истите тие се предмет на клевета согласно законските прописи и нивна цел е целосно нарушување на интегритетот на институцијата и вработените кои се предмет на овие обвинувања“, се наведува во соопштението.

Видете и ова: Новиот в.д. директор на МКЦ ги сменил бравите во сметководство и во архива

Со демант излезе и ВМРО ДПМНЕ во кој се наведува: „Одлучно и во целост ја демантираме градоначалничката Данела Арсовска и нејзините лажни тврдења дека разрешениот директор на МКЦ, Ванчо Богоев е член на ВМРО-ДПМНЕ. Кратењето на средства за МКЦ од Арсовска и владеачката коалиција во градот Скопје криминогената СДС, фолирантите Левица, уценетата ГРОМ и нивните газди ДУИ не е симболично, туку драматично, од 40 милиони на само 2 милиони денари“.