Најмалку деветмина Палестинци загинаа изутрината, меѓу кои и една 60-годишна жена, во судирите со израелските војници во окупираниот град Џенин на Западниот Брег, соопшти палестинското Министерство за здравство. Израелската армија во кратко соопштение објави дека влегла во бегалскиот камп Џенин, упориште на екстремисти на Западниот Брег, каде што осомничените екстремисти се апсат речиси секој ден речиси една година, но не откри други детали, пренесе АП. Израелскиот јавен сервис Кан објави дека војниците имале намера да уапсат припадник на Исламскиот џихад кој наводно подготвувал голем „терористички напад“. Локалното крило на таа екстремистичка организација објави дека нејзини членови пукале во израелски војници и активирале експлозивни направи.
Министерот за национална безбедност на Израел забрани истакнување на палестински знамиња
Палестинскиот министер за здравство изјави за новинарите дека една 60-годишна жена и уште тројца Палестинци се убиени, а најмалку 13 се ранети, но бројот на убиените нагло се зголемил. На видеата објавени во палестинските медиуми можеа да се слушнат експлозии и пукотници. Едно видео покажува наводни вооружени Палестинци како соборуваат мал израелски воен дрон за набљудување. Тензиите меѓу Израелците и Палестинците се зголемија откако Израел започна рации минатата пролет по серијата палестински напади во кои загинаа 19 лица. Во нападите до крајот на годината бројот на жртви се зголеми на 30. Од почетокот на 2023 година досега се убиени 29 Палестинци, вклучувајќи ги и денешните жртви. Денешниот ден е еден од најсмртоносните во последните месеци. Палестинскиот министер за здравство рече дека болничарите имаат потешкотии да стигнат до ранетите среде конфликтот и дека децата во болницата се гушат од солзавец.