Компанијата Мета соопшти дека ќе ги врати сметките на поранешниот американски претседател Доналд Трамп на Фејсбук и на Инстаграм во наредните недели. Тој беше исфрлен од овие платформи пред две години, по она што компанијата го нарече „пофалба за луѓето вклучени во насилство“ во зградата на Капитол на САД на 6 јануари 2021 година. Во блог пост, Мета тврди дека се додадени „нови заштитни огради“ за да се спречат „повторни прекршоци“. Нејзиниот претседател за глобални прашања Ник Клег рече дека Трамп ќе се соочи со „засилени казни“, поради неговите прекршувања. Ако тој повторно ги прекрши стандардите на заедницата на Мета, тоа може да резултира со нова суспензија која ќе се движи од еден месец до две години, во зависност од тежината.
Поранешниот претседател на САД Трамп со платформа за социјални медиуми „TRUTH“
Обновувањето на сметките на Трамп доаѓа откако тој објави дека ќе се кандидира за претседател во 2024 година. Со 34 милиони следбеници на Фејсбук и 23 милиони на Инстаграм, платформите би можеле да му дадат поттик на Трамп во однос на политичкото доближување и собирање средства, но не е јасно дали, и како, поранешниот претседател има намера повторно да им се придружи. Тој претпочита да ја користи сопствената платформа, Truth Social, за да допре до следбениците. Откако Трамп го врати својот профил на Твитер, тој не испрати нови твитови.