Повлечени амбасадори, тенкови, пратеници...

САД - Американскиот претседател Џо Бајден најави дека САД ќе испратат 31 тенк Абрамс во Украина.
Одлуката е донесена додека битката за одвраќање на инвазијата на соседна Русија влегува во својот 12-ти месец.

МАКЕДОНИЈА - Министерот за надворешни работи на Бугарија Николај Милков вечерва изјави дека бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов ќе остане надвор од Северна Македонија се додека, како што рече, Софија не види знаци на промена.

МАКЕДОНИЈА - Министерството за надворешни работи денеска ги осуди изјавите на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, кој во вчерашна изјава го потсетува македонскиот претседател Стево Пендаровски како завршиле во минатото сите оние кои се обиделе да им забранат влез на лидери на ВМРО.

ИРАН - Иранскиот филмски продуцент Џавад Норузбеиги вели дека против него е покрената правна постапка поради продукцијата на неговиот забранет награден филм „Браќата на Лејла“. Полуофицијалната новинска агенција ИСНА ја цитираше изјавата на Норузбеиги дека бил повикан во обвинителството: „Насловот на обвинението против мене беше продукција на „Браќата на Лејла“.

РУСИЈА - Претседателот на Државната дума, Вјечеслав Володин, денеска го поддржа предлогот на основачот на платеничката група Вагнер, која учествува во војната во Украина, да се смета за кривично дело јавното критикување на борците или објавувањето негативни извештаи за нив.

ФРАНЦИЈА - Европскиот суд за човекови права објави дека се прифатливи случаите покренати од Украина и Холандија против Русија за кршење на човековите права во двата отцепени региони Луганск и Доњецк во Украина и за соборувањето на летот МХ-17, објави Ројтерс. Одлуката е процедурална и не одлучува за основаноста на случајот, но покажува дека судот во Стразбур смета дека Русија може да биде одговорна за кршење на човековите права во украинските отцепени региони Луганск и Доњецк.

СРБИЈА - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека ќе дојде на седницата на Собранието на Србија за Косово, која треба да се одржи во наредните денови и дека ќе одговори на сите прашања на пратениците.

ЕУ / МАКЕДОНИЈА - Евроамбасадорот Дејвид Гир денеска порача дека на Македонија и е неопходна стручна, независна и професионална јавна администрација. Без тоа, како што нагласи, нема раст и развој. Не може да се каже, рече Гир, дека нема резултати во однос на реорганизацијата, но системот има и слабости кои се секако нотирани, а евидентно е и премногу силно партиско влијание во одредени делови од администрацијата.

УКРАИНА - Украинската војска потврди дека нејзините војници се повлекле од источниот град Соледар по неколку недели интензивни борби со руските сили. Новинските агенции Ројтерс и АФП денеска цитираа портпарол на украинската војска дека со овој потег војниците се вратија на претходно одредените позиции.