Министерот за надворешни работи на Бугарија Николај Милков вечерва изјави дека бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов ќе остане надвор од Северна Македонија се додека, како што рече, Софија не види знаци на промена.
Милков и Ангелов денеска беа сослушани на Комисијата за надворешна политика.
Во изјава за медиумите Милков рече дека „ако Северна Македонија продолжи да се однесува така возможно е повторно Бугарија да постави вето“.
„Македонија за да продолжи по својот европски пат мора да ги почитува преземените обврски во рамки на европскиот предлог. Нема потреба Бугарија да прави ништо, туку да обезбеди почитување на обврските што Македонија ги презеде. Во самиот предлог нема рокови, тие може да не ги исполнат со децении, што значи дека нема да почнат преговори“, изјави Милков.
Видете и ова: МНР - Безбедносните служби сериозно да ги земат предвид изјавите на ЏамбаскиНапнатите односи меѓу Македонија и Бугарија деновиве се интензивираа, а ситуацијата е таква во изминатите повеќе од две години, откако Софија ги блокираше македонските евроинтеграции поради историски, јазичен и идентитетски спор.
Блокадата делумно се надмина летоска и преговорите на земјава со ЕУ почнаа, но Бугарија го условува отворањето на поглавјата со внесување на Бугарите во македонскиот Устав, за што во моментов го нема потребното двотретинско мнозинство.
Бугарскиот министер за надворешни работи денеска додаде дека Софија останува отворена за дијалог ако се разгледуваат проекти за заштита на Бугарите во Северна Македонија.
„Ако тоа не се случи можеме да ги стопираме сите други меѓувладини проекти“, рече Милков.
Денеска и македонското Министерството за надворешни работи денеска ги осуди изјавите на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, кој во вчерашна изјава го потсетува македонскиот претседател Стево Пендаровски како завршиле во минатото сите оние кои се обиделе да им забранат влез на лидери на ВМРО.
Изјавите Џамбаски ги даде откако Пендаровски по седницата на Советот за безбедност во претседателската вила Водно во понеделникот, изјави дека структурите во Бугарија кои водат антидржавна кампања против Северна Македонија се поврзани со руската разузнавачка служба и дека ќе побара од Владата да им забрани на неколку бугарски државјани да влезат во земјата поради нивните постапки.
По ова Џамбаски за бугарските медиуми изјави дека претседателот Пендаровски треба да се потсети дека:
„Многу други луѓе се обиделе да им забранат влез на лидери на ВМРО во Македонија и резултатот на тоа бил да речам, последниот таков резултат се случил со југословенскиот, српски крал Александар Караѓорѓевиќ. Така што, да учиме од историјата, ако се обиде да ми забрани влез во Македонија, нека ја види историјата и нека учи од неа“, рече Џамбаски.
Видете и ова: Османи – Гир: потребна е искрена политичка волја за усвојување на уставните измениВо соопштението на МНР се вели дека заканите и изјавите за закани се прашање со кое се занимаваат безбедносните органи.
„Очекуваме тие сериозно да ги земат предвид последните изјави на Џамбаски и да донесат соодветна одлука за негов ограничен пристап во земјава“, наведуваат од МНР.
За тоа дали бугарскиот европратеник Џамбаски ќе биде вратен назад доколку се појави на границата за да присуствува на одбележувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев на 4 февруари, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска изјави дека за тоа ќе одлучува тогаш.
„Ќе одлучиме на 4 февруари“, рече Спасовски.
Коментарите доаѓаат по најавите за доаѓање на поголема група граѓани на Бугарија на 4 февруари на одбележувањето на 151-годишнината од раѓањето на револуционерот Гоце Делчев.