Министерството за надворешни работи денеска ги осуди изјавите на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, кој во вчерашна изјава го потсетува македонскиот претседател Стево Пендаровски како завршиле во минатото сите оние кои се обиделе да им забранат влез на лидери на ВМРО.
Пендаровски по седницата на Советот за безбедност во претседателската вила Водно во понеделникот, изјави дека структурите во Бугарија кои водат антидржавна кампања против Северна Македонија се поврзани со руската разузнавачка служба и дека ќе побара од Владата да им забрани на неколку бугарски државјани да влезат во земјата поради нивните постапки.
По ова Џамбаски за бугарските медиуми изјави дека претседателот Пендаровски треба да се потсети дека:
„Многу други луѓе се обиделе да им забранат влез на лидери на ВМРО во Македонија и резултатот на тоа бил да речам, последниот таков резултат се случил со југословенскиот, српски крал Александар Караѓорѓевиќ. Така што, да учиме од историјата, ако се обиде да ми забрани влез во Македонија, нека ја види историјата и нека учи од неа“, рече Џамбаски.
Видете и ова: Османи и Спасовски: постојат фактори кои сакаат да не одвлечат од патот на ЕУОд МНР денеска информираат дека по дипломатски пат е известено и бугарското Министерство за надворешни работи.
„Во овој случај, Министерството ќе му препорача и на Претседателот да реагира соодветно до својот колега, претседателот Румен Радев, а за ова однесување известување и барање за оградување ќе биде побарано и од Претседателот на Европскиот парламент“, се вели во реакцијата.
Во соопштението на МНР се вели дека заканите и изјавите за закани се прашање со кое се занимаваат безбедносните органи.
„Очекуваме тие сериозно да ги земат предвид последните изјави на Џамбаски и да донесат соодветна одлука за негов ограничен пристап во земјава“, наведуваат од МНР.
За тоа дали бугарскиот европратеник Џамбаски ќе биде вратен назад доколку се појави на границата за да присуствува на одбележувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев на 4 февруари, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска изјави дека за тоа ќе одлучува тогаш.
„Ќе одлучиме на 4 февруари“, рече Спасовски
На прашањето зошто не се прифатени предлозите за прогласување на непожелни личности, Спасовски рече дека врвен приоритет ќе биде да се сочува, мирот, стабилноста и јавниот ред.
„Знаеме дека имаме радикални структури кои заради некакви лични, политички и секакви други интереси, сакаат да се нарушува тој процес на стабилизација на односите од една страна. Од друга страна заради тоа што никако не смееме да дозволиме да се наруши и безбедноста на нашите граѓани, изјави министерот за внатрешни работи“, рече Спасовски.
Коментарите доаѓаат по најавите за доаѓање на поголема група граѓани на Бугарија на 4 февруари на одбележувањето на 151-годишнината од раѓањето на револуционерот Гоце Делчев.
Односите меѓу Македонија и Бугарија се напнати во изминатите повеќе од две години, откако Софија ги блокираше македонските евроинтеграции поради историски, јазичен и идентитетски спор.
Блокадата делумно се надмина летоска и преговорите на земјава со ЕУ почнаа, но Бугарија го условува отворањето на поглавјата со внесување на Бугарите во македонскиот Устав, за што во моментов го нема потребното двотретинско мнозинство.