Уставниот суд со нов апел до Собранието за избор на тројца судии

Уставен суд на РСМ, Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска.

Уставниот суд денеска повторно побара пратениците во Собранието да изберат тројца судии за Судот да може непречено да функционира како што е предвидено со Уставот.

„Останува апелот до Собранието и до Судскиот совет, кој треба да предложи еден од судиите, тоа да го сторат што побрзо, изјави денеска портпаролката на Уставниот суд, Христина Беловска.

Повеќе од седумнаесет месеци највисокото судско тело во земјава работи со минимален број на судии, затоа што на четворица од вкупно девет им истече мандатот уште во мај 2021 година.

Изборот започна уште кога недостасуваа тројца, но во меѓувреме, додека се чекаше на пратениците да одлучат, на уште еден судија му истече мандатот.

Видете и ова: Кацарска-Пратениците се одговорни спрема уставните обврски

Беловска вели дека од 7 декември минатата година Судот функционира со шест од предвидени девет судии поради завршување на мандатот на судијката Вангелина Маркудова.

Портпаролката на Уставниот суд Беловска објаснува дека за да се донесе одлука на Судот, потребни се најмалку пет гласа „за“.

„Тоа значи дека многу често се соочуваме со ситуација предлозите да не добиваат мнозинство затоа што на пример се случува тројца судии да гласаат„за“, додека тројца да не се согласуваат со тој предлог, или четворица го поддржуваат предлогот, а двајца се против“, вели Беловска.

Уставниот суд го сочинуваат девет судии. Претседателот го избира Судот од редот на судиите за време од три години, без право на повторен избор.

Судиите ги избира Собранието за време од девет години без право на повторен избор. Судиите на Уставниот суд се избираат од редот на истакнати правници.