Вучиќ најави учество на седницата на Собранието на Србија за Косово

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека ќе дојде на седницата на Собранието на Србија за Косово, која треба да се одржи во наредните денови и дека ќе одговори на сите прашања на пратениците.

Во денешно видео-обраќање на својот Инстаграм профил, Вучиќ рече дека му е „жал што одредени опозициски политички партии“ не ја прифатиле неговата покана да се консултираат за европскиот предлог за решавање на косовското прашање.

Тој рече и дека „пред два дена на граѓаните им ја кажал вистината за сите проблеми“ со кои се соочува земјата во однос на Косово.

Видете и ова: Шоле го охрабрува Курти да го прифати предлогот на ЕУ

Претходно, на 23 јануари, во обраќање до јавноста, Вучиќ изјави дека европско-американскиот дипломатски тим му пренел дека доколку не го прифати француско-германскиот план за Косово, Србија ќе се соочи со запирање на евроинтеграциите и инвестициите, како и со сеопфатни мерки во политичка и економска смисла.

Станува збор за предлог на ЕУ за нормализација на односите меѓу Србија и поранешната покраина Косово, кој е поддржан од Германија, Франција и САД, а кој им беше претставен на Белград и на Приштина во септември и декември 2022 година.

„Ништо не криев од вас. Ви кажав како и колку се боревме и како мислиме да се бориме во иднина за нашата земја“, рече Вучиќ во денешната видео порака.

Тој додаде дека на сите политички актери им понудил разговор и консултации за европскиот предлог за решавање на косовското прашање.

„Тие рекоа дека не сакаат да разговараат, или барем добар дел од нив, туку сакаат јавна демонстрација, шоу за нивните политички активности. Жал ми е што не разбраа дека државата е повеќе важна од политичките интереси на која било партија, која било од нас“, рече Вучиќ.