Евроамбасадорот Дејвид Гир денеска порача дека на Македонија и е неопходна стручна, независна и професионална јавна администрација. Без тоа, како што нагласи, нема раст и развој. Не може да се каже, рече Гир, дека нема резултати во однос на реорганизацијата, но системот има и слабости кои се секако нотирани, а евидентно е и премногу силно партиско влијание во одредени делови од администрацијата. „Нема да коментирам за различните одлуки во однос на политиките што ќе ги донесе Владата во конкретни области, но како општ принцип, односно нашиот принцип е дека треба да имате стручна јавна служба способна да ги спроведе реформите. Без тоа не може земјата да се развива и да расте. Тука има неколку апсекти - финансирање, партиско влијание кое е премногу силно во одредени делови на администрацијата, но, потребно е да имате јавна, државна служба која може да испорача она што треба. Многу работа има да се зајакне јавната служба“, истакна Гир, одговорајќи на новинарски прашања по потпишувањето на договорите за проектот за градење отчетни институции за управување со јавните финансии.
Видете и ова: Гир: Зависи од државата дали ќе станете ЕУ членка до 2030Според него, администрацијата треба да се прилагоди на актуелните потреби и да ги следи промените во светски рамки. „Има големи слабости во системот, тие се идентификувани во нашиот Извештај за земјата, но ние тесно соработуваме со државната служба во насока на градење на нејзиниот капацитет зашто без ефективна државна служба нема никаде да стигнеме. Затоа, тоа е и приоритет. Не би кажал дека нема резултати. Она што го имате е систем што треба да се прилагоди на сегашните потреби, на светот што се менува и на процесот на пристапување во ЕУ за да може да ги ужива придобивките од членството во ЕУ и да биде отпорен во таа смисла. Ние сме ангажирани во долгорочен процес на поддршка во надградување на државната служба, а тоа вклучува и долгорочна дискусија. Сме обезбедиле експертиза на прашањето за реорганизација за да се осигури дека администрацијата е колку што е можно подобра, вклучително и практики од ЕУ. Ги следиме од многу блиску реформите во јавните администрации“, подвлече Гир. Министерот за финансии Фатмир Бесими изјави дека бројот на администрацијата, особено последните две години, се намалува.