Украина потврди дека нејзините војници се повлекле од Соледар

Украински војници на фронтот во близина на Соледар, регионот Доњецк

Украинската војска потврди дека нејзините војници се повлекле од источниот град Соледар по неколку недели интензивни борби со руските сили. Новинските агенции Ројтерс и АФП денеска цитираа портпарол на украинската војска дека со овој потег војниците се вратија на претходно одредените позиции. „По неколку месеци тешки борби, вклучително и во текот на изминатите недели, вооружените сили на Украина го напуштија Соледар и се повлекоа на периферијата на претходно подготвените позиции“, го цитира АФП портпаролот на украинската војска Серхиј Череватиј.

Раскрвавени, но не поразени: Украинските трупи се борат во Соледар и покрај руските тврдења за победа

Украина во изминативе денови ги отфрлаше руските тврдења дека нејзините војници ја презеле контролата врз источниот украински град Соледар по неколку недели интензивни борби. Во соопштението од 13 јануари, руското Министерство за одбрана изјави дека го освоиле стратешки важниот град за ископ на сол преку ноќ. Во последните денови имаше неколку спротивставени извештаи за тоа кој го контролира градот, а руското тврдење не можеше независно да се потврди.