Тенкови, политика, протести...
ГЕРМАНИЈА - Германија одлучи да испрати тенкови „Леопард 2“ во Украина за да помогне во борбата против руската инвазија и да им дозволи на другите земји како Полска да го сторат истото, додека САД би можеле да снабдуваат тенкови „Абрамс“, објави Ројтерс повикувајќи се на извори запознаени со темата. Портпаролот на германската влада и министерствата за надворешни работи и одбрана во Берлин одбиja да коментираат.
МАКЕДОНИЈА - Новоименуваниот в.д директор на Младинскиот културен центар (МКЦ), дипломираниот детектив, Никола Алексов, ги сменил бравите од сметководството и архивата во објектот, потврди вечерва Маргарита Арсова, програмски уредник во МКЦ.
„Ова кај нас вработените создава и сомнеж и несигурност. Зошто би се менувале бравите? За да влезат вработените затвора и отвара тој и тоа ќе трае додека трае ревизијата на работењето од градот, според она како што биле известени вработените“, вели Арсова.
БУГАРИЈА - Предвремените парламентарни избори во Бугарија ќе се одржат на 2 април, изјави денеска во Софија бугарскиот претседател Румен Радев.
Тој претходно на 24 јануари го прифати вратениот неисполнет трет мандат од претставниците на „БСП за Бугарија“, по што одржа средба со раководството на Централната изборна комисија (ЦИК).
САД / СРБИЈА - Американскиот амбасадор во Србија Кристофер Хил изјави дека внимателно го слушал говорот на српскиот претседал Александар Вучиќ, кој како што наведе, го изложил планот и концептот за тоа како многу комплициран проблем како односите од Србија и Косово, да се “доведе до решение.“
СРБИЈА - Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, изјави дека неговата посета на Брисел има за цел да го потврди европскиот пат на Србија и подготвеноста на земјата по мирен пат да ги реши сите отворени прашања, а во исто време да го заштити она што се смета за национален интерес.
ТУРЦИЈА - Турција на неодредено време ја откажа средбата на трилатералниот механизам со Шведска и Финска, закажана за февруари, по протестот кој се одржа минатиот викенд во Стокхолм кој наиде на осуда од Анкара, објави денеска државната телевизија ТРТ. Состанокот беше одложен на барање на Анкара, соопшти ТРТ повикувајќи се на турски дипломатски извори.
АВГАНИСТАН - Стотици авганистански мажи одржаа денеска протест во источниот град Хост за да го изразат гневот поради палењето на Куранот во главниот град на Шведска за време на викендот. Шведско-данскиот екстремно десничарски политичар Расмус Палудан на 21 јануари запали примерок од муслиманската света книга пред турската амбасада во Стокхолм.
РУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека во Русија има недостиг на некои лекови и дека цените се зголемени и покрај тоа што земјата произведува повеќе свои лекови.
„Имаше недостиг на некои лекови, и покрај фактот што видовме дека производството на фармацевтски производи во (првите) три квартали од минатата година се зголеми за околу 22 отсто“, рече Путин на состанокот со владини претставници.
БУГАРИЈА - Потпретседателот на бугарското Собрание, Кристијан Вигенин денеска ги повика властите и партиите во Македонија да се воздржат од изјави кои не водат кон решавање на проблемите меѓу двете земји. „Ги повикуваме властите во Северна Македонија, како и водечките политичари и партии, да се воздржат од изјави и постапки кои не водат кон решавање на проблемите, туку до неприфатлива ескалација, која долгорочно може да го влоши дијалогот меѓу двете земји, изјави Вигенин
МАКЕДОНИЈА - Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска се сретна со шефот на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, амбасадорот Дејвид Гир при што во фокусот на разговорите беше соработката меѓу ОБСЕ, со која актуелно претседава Македонија, и ЕУ, вклучително и потребата од поблиска координација во дадениот чувствителен геополитички контекст. Како што соопшти МНР, министерот Османи го брифираше евроамбасадорот за неодамнешната посета на Киев и средбите со украинскиот државен врв. Во таа смисла, тој најави посета на Брисел кон крајот на месецот, каде во својство на претседавач со ОБСЕ, ќе се сретне со челниците на институциите на ЕУ, при што централна тема на разговор ќе биде Украина.
ФИНСКА - Финскиот министер за надворешни работи денеска изјави дека е потребен тајмаут од неколку недели во разговорите меѓу Финска, Шведска и Турција во врска со плановите на двете нордиски земји да му се приклучат на НАТО. „Потребен е тајмаут пред да се вратиме на тристраните разговори и да видиме до каде сме кога ќе се спушти прашината по сегашната ситуација, така што сè уште не треба да се донесуваат заклучоци“, изјави министерот за надворешни работи Пека Хаависто за Ројтерс. „Мислам дека ќе има пауза од неколку недели“, додаде тој.
САД - Вооружен маж уби седум лица во американската сојузна држава Калифорнија во близина на Сан Франциско пред да биде уапсен, само два дена по нападот во кој загинаа 11 лица. Последниот напад се случи на две одвоени локации во заливот Халф Мун, на околу 50 километри јужно од Сан Франциско. Според локалните медиуми, станува збор за земјоделски имоти. Напаѓачот е идентификуван како Жао Чунли, локален жител со азиско потекло.
УКРАИНА - Заменик-шефот на претседателскиот кабинет на Украина, Кирило Тимошенко, во вторникот изјави дека во понеделникот побарал од претседателот Володимир Зеленски да го ослободи од должноста. „Му благодарам на претседателот на Украина Володимир Зеленски за довербата и можноста да правиме добри дела секој ден и секоја минута“, напиша Тимошенко на апликацијата за пораки Телеграм, додавајќи: „Им благодариме на вооружените сили што ја бранат нашата земја.“ Засега не е јасно зошто Тимошенко поднесе оставка. Некои посматрачи оваа оставка ја објаснуваат со изјавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека се спроведуваат кадровски промени на високи и пониски нивоа поради обвинувања за мито кои се закануваат да го намалат западниот ентузијазам за владата во Киев.