Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, изјави дека неговата посета на Брисел има за цел да го потврди европскиот пат на Србија и подготвеноста на земјата по мирен пат да ги реши сите отворени прашања, а во исто време да го заштити она што се смета за национален интерес.
По денешната средба со шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, Дачиќ ја потврди подготвеноста на официјален Белград „да работи на основите и спроведувањето“ на таканаречениот француско-германски план за дијалог меѓу Србија и Косово.
Според него, соговорниците од Брисел ја истакнале конструктивната и одговорна улога на претседателот Александар Вучиќ кога се во прашање последните разговори за дијалог и желбата на европската страна да не се занимава со решавање на честите настани на Косово, туку да се постигне договор кој ќе донесе посилни гаранции, мир и стабилност во регионот.
„Тој (Вучиќ) им кажа кои се црвените линии, а тоа е членството на Косово во Обединетите нации и дека Заедницата на општини со српско мнозинство не треба воопшто да се оспорува“, рече Дачиќ, осврнувајќи се на минатонеделниот разговор што го одржаа Претседателот на Србија со петчлената делегација која ги посети Белград и Приштина.
Видете и ова: Подготвеност на Вучиќ да ги нормализира односите со Косово, топката е кај Курти?Шефот на дипломатијата на Србија потврди дека во разговорот со високиот претставник на ЕУ за заедничка надворешна политика и безбедност било покренато прашањето за санкции против Русија, кои Србија не ги воведува.
„Станува збор за нашите размислувања, кои се прашање на нашиот територијален интегритет и суверенитет и кога станува збор за нашата позиција во другите меѓународни институции и организации, односно за нашите односи со земјите кои ја поддржуваат нашата позиција за Косово, а Русија е меѓу нив“, рече Дачиќ пред новинарите на крајот од посетата на Брисел.
Дачиќ претходно се сретна со специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, како и со членови на Европскиот парламент, кои ја повикаа Србија дополнително да ја усогласи својата надворешна и безбедносна политика со ЕУ.
Видете и ова: Борел: Предлозите на ЕУ носат значителни придобивки за Белград и ПриштинаКако што се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи на Србија, во одвоените разговори со европратениците, Дачиќ го повторил ставот дека членството во ЕУ останува стратешка цел на Србија, но и еден од главните надворешнополитички приоритети.
Во соопштението се додава дека тој истакнал дека Србија останува целосно посветена на реформскиот процес и на подобрувањето на сите сфери на општеството, како и на натамошниот развој на регионалната соработка.
Што се однесува до напредокот на европскиот пат, членовите на ЕП позитивно го оценија реформскиот процес, како и чекорите што ги презема српската влада за усогласување на визната политика со ЕУ, но побараа и натамошно усогласување на надворешната и безбедносната политика.