Србија повторно не се усогласи со новите одлуки на Советот на Европската унија за рестриктивни мерки против Русија.
Во соопштението на високиот претставник на ЕУ за заедничка надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, за усогласување на другите земји со одлуките на ЕУ, е наведено дека од земјите кандидати, Северна Македонија, Црна Гора, Албанија, Украина и Босна и Херцеговина се усогласиле со одлуките на ЕУ за санкции.
Покрај нив, со одлуките на ЕУ тоа го направија и земјите од Европската економска област, меѓу кои и Исланд, Лихтенштајн и Норвешка.
„Тие (земјите кои се усогласиле) ќе се погрижат нивните национални политики да бидат во согласност со оваа Одлука на Советот. Европската унија ја забележува оваа посветеност и ја поздравува“, се вели во декларацијата на шефот на европската дипломатија.
Видете и ова: Вучиќ – Дипломатите порачаа или Србија ќе го прифати планот или ќе запрат евроинтеграциите и инвестициитеСтанува збор за серија пакети нови санкции што ЕУ ги воведе против Русија во декември минатата година.
Србија се сметаше за лидер во пристапниот процес. Таа е единствената земја во регионот која досега не се усогласила на ниту една одлука на ЕУ во врска со санкциите против Русија, кои се одговор на агресијата врз Украина која започна на 24 февруари 2022 година.
Поради цврстиот став и одбивањето да воведе санкции кон Русија, официјален Белград не направи ниту еден чекор во претходната година во однос на напредокот во процесот на евроинтеграциите.
ЕУ редовно ја повикува Србија да ја усогласи својата надворешна политика со политиките на ЕУ.