Од Бујар Османи до Шон Пен

ЕСТОНИЈА - Естонија, а потоа и Летонија, кои се членки на НАТО и ЕУ, побараа од руските амбасадори во нивните земји да си одат, откако Москва нареди естонскиот амбасадор да си замине и ги намали дипломатските односи со Естонија, обвинувајќи ја за „тотална русофобија“. Потегот на Естонија уследи откако руското Министерство за надворешни работи му нареди на естонскиот амбасадор во Русија, Маркус Лаидре да ја напушти земјата до 7 февруари.

МАКЕДОНИЈА / САД - Американската амбасадорка во Скопје Анџела Прајс Агелер вели дека од круцијално значење е да се смират страстите меѓу Скопје и Софија и лидерите од двете страни да можат смирено и рационално да дискитураат. Таа во интервју за Телевизија Телма истакна дека актуелната атмосфера не треба да влијае врз македонскиот напредок кон ЕУ.

СРБИЈА - Српскиот претседател Александар Вучиќ на 23 јануари во обраќање до јавноста изјави дека европско-американскиот тим дипломати му рекле дека доколку не го прифати француско-германскиот план, Србија ќе се соочи со запирање на евроинтеграциите, стопирање на инвестициите и ќе се соочи со сеопфатни мерки во политичка и економска смисла.
„Мора да го прифатите овој план, тоа ми го кажаа во втората реченица“, изјави Вучиќ.

МАКЕДОНИЈА - По средбата на дел од коалиционите партнери на СДСМ во штабот на владејачката партија се огласи само пратеникот и лидер на Демократски сојуз Павле Трајанов. Тој изјави дека на правата средба која ја водел генералниот секретар на СДСМ Миле Зечивеќ, се разговарало за проширувањето на владината коалиција. Тој додава дека реконструкција на Влада ќе поддржат доколку се почитува амандман 6 од Уставот. Трајанов потенцира дека ќе подржи реконструкција само ако има соодветна и правична застапеност на сите етнички заедници во власта и во другите институции.

АЛБАНИЈА - Безбедносната состојба во Албанија, состојбата на северот на Косово и нелегалната агресија на Русија врз Украина, биле тема на разговор на седницата на Националниот совет за безбедност на Албанија, што се одржа попладнето на 23 јануари. Албанскиот претседател Бајрам Бегај, кој го свика Советот, побарал со приоритет да се разгледуваат и изготвуваат стратешки документи од областа на национална безбедност и одбраната.

ТУРЦИЈА - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на 23 јануари изјави дека Шведска не треба да очекува поддршка од Анкара за влез во НАТО, по протестите на антиисламските активисти и прокурдските групи во Стокхолм.
Ердоган го осуди саботниот протест, на кој беше запален Куранот, светата книга на исламот, велејќи дека тоа е навреда за сите, особено за муслиманите, и ги критикуваше шведските власти што дозволија демонстрациите да се одржат пред турската амбасада во Стокхолм.

ЦРНА ГОРА / ЕУ - „Не сме запознаени со тоа дека постои барање за прекин на пристапните преговори со Црна Гора“, велат за Радио Слободна Европа (РСЕ) од шведското претседателство со Европската унија (ЕУ). Во писмениот одговор се нагласува надежта дека отворените внатрешно-политички прашања ќе се решат во блиска иднина и дека ќе може да продолжи патот кон реформи.

САД - Мајкрософт соопшти дека ќе направи „повеќегодишна инвестиција од повеќе милијарди долари“ во својата нова програма за вештачка интелигенција, ChatGPT. Во нивното соопштение го опишаа новиот договор како трета фаза од растечкото партнерство со OpenAI, но не го открија точниот износ на инвестицијата.

ИРАН / ЕУ - Министрите на Европската унија се согласија за нов пакет санкции против Иран, соопшти шведското претседателство со ЕУ на 23 јануари. Во соопштението е наведено дека министрите одобриле нов пакет санкции против Иран, насочени кон оние кои поттикнуваат репресија.

УКРАИНА - Американскиот актер и режисер Шон Пен премиерно ќе го прикаже документарниот филм што го сними во Киев во кој се појавува украинскиот претседател Володимир Зеленски на Берлинскиот филмски фестивал следниот месец, соопштија организаторите во понеделникот.

МАКЕДОНИЈА - Убиена е 83 годишна жена во Струмица, покажуваат првичните резултати од обдукцијата на пронајденото тело на 20 јануари. Обвинителството во своето соопштение посочуваат дека обдукцијата покажала насилна смрт.

КОСОВО - Вооружен инцидент во северот на Косово настанал денеска, соопшти косовската полиција. Полицијата пукала кон возило кое не застанало на повикот за стоп и удрило во полициски автомобил. Настанот се случил во градот Бистрица на територија на општината Лепосавиќ, една од четирите општини со мнозинско српско население на северот на Косово.
Од друга страна, директорот на Канцеларијата за Косово на Владата на Србија, Петар Петковиќ, тврди дека во тој инцидент ранет е маж од српска националност.

НОРВЕШКА - Поранешниот командант на руската платеничка група „Вагнер“, кој неодамна побегна во Норвешка, е уапсен од полицијата, изјави денеска официјален претставник.
„Тој е уапсен...и ние размислуваме дали да бараме судска одлука за интернирање“, изјави полициската адвокатка Лине Исаксен за Ројтерс, одбивајќи да даде дополнителни детали. Андреј Медведев, кој побегна минувајќи ја руско-норвешката граница на Арктикот, изјави дека се плаши за својот живот откако бил сведок на убиствата и малтретирање на руските затвореници донесени на фронтот во Украина.

МАКЕДОНИЈА - Со помали казни од претходна пресуда заврши денеска повторениот судски процес за предметот Титаник 2. Обвинетиот поранешен директор на Управата за контраразунавање и безбедност Сашо Мијалков денеска беше прогласен виновен по втор пат за ист предмет, со казната затвор од 2 години. Иста казна добија и неговите соучесници лидерот на Демократската партија на Албанците (ДПА), Мендух Тачи како и тогашните членови на Државната изборна комисија (ДИК), Бедредин Ибраими од ДПА и Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев од ВМРО – ДПМНЕ.

УКРАИНА - Членката на Независната меѓународна истражна комисија за Украина, формирана од Обединетите нации (ОН), Јасминка Џумхур, изјави дека Комисијата регистрирала одреден број злосторства врз деца кои биле убиени со огнено оружје, но и дека имало и сексуална злоупотреба и „повредување на деца.“ Одредени информации укажуваат на префрлање на децата од територијата на Украина на територијата на Русија, каде што се уште се наоѓаат.

РУСИЈА - Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во понеделникот рече дека конфликтот меѓу Москва и Западот повеќе не може да се дефинира како „хибридна војна“, туку е поблиску до вистинска, критикувајќи го Западот за испраќање милијарди долари во оружје за Киев. Претходно, Кремљ соопшти дека украинскиот народ ќе страда ако Западот испрати тенкови за поддршка на Киев.

ЕУ - Шефот за надворешна политика на Европската унија Жозеп Борел изјави дека се надева оти земјите-членки ќе можат да одобрат уште една транша од 500 милиони евра од помошта за Украина за време на денешниот состанок на министрите за надворешни работи. Говорејќи пред состанокот, Борел рече дека тоа е дел од Европскиот мировен фонд. Унгарското Министерство за надворешни работи и владиниот портпарол не одговорија на барањата за коментар за извештаите дека Будимпешта ќе го блокирала тој потег.

МАКЕДОНИЈА - Министерот за надворешни работи Бујар Османи во интервју за БТВ изјави дека бугарските клубови во Македонија треба да се прилагодат со законот, односно да ги сменат своите имиња, ако сакаат да продолжат да постојат. Тој најави дека ќе ги повика претставниците на овие клубови на разговор во врска со таа тема. Состанокот, според Османи, има цел да се направи план како да ѝ се овозможи на бугарската заедница да ја декларира својата припадност, нејзиниот идентитет и културна припадност и да се интегрира во општеството. Тој побара сензитивност во именувањето на клубовите, и дека мнозинството Македонци се чувствуваа навредени од тие имиња, односно да се разбере оваа чувствителност на народот.

САД - Лицето коe уби десет луѓе во саботата за време на прославата на кинеската Лунарна Нова Година во сала за танцување во градот Монтереј Парк, извршило самоубиство, објавија американските власти. Шерифот на округот Лос Анџелес, Роберт Луна, синоќа изјави дека осомничениот е идентификуван како 72-годишниот Ху Кан Тран и дека се верува дека немало други напаѓачи. Мотивот за нападот се уште не е познат. Десет лица, пет жени и пет мажи, загинаа, а уште 10 лица беа ранети во пукањето во студиото за танцување Star Ballroom во паркот Монтереј.

ГЕРМАНИЈА - Германија нема да се противи Полска да и испорача тенкови Леопард на Украина, доколку Варшава побара дозвола, изјави германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок. „Да ни е поставено тоа прашање ние не би се противеле. Засега тоа прашање не е поставено“, рече таа. Бербок додаде дека е неопходно Полска да испрати официјално барање до Берлин.