Вучиќ – Дипломатите порачаа или Србија ќе го прифати планот или ќе запрат евроинтеграциите и инвестициите

Српскиот претседател Александар Вучиќ

Српскиот претседател Александар Вучиќ на 23 јануари во обраќање до јавноста изјави дека европско-американскиот тим дипломати му рекле дека доколку не го прифати француско-германскиот план, Србија ќе се соочи со запирање на евроинтеграциите, стопирање на инвестициите и ќе се соочи со сеопфатни мерки во политичка и економска смисла.

„Мора да го прифатите овој план, тоа ми го кажаа во втората реченица“, изјави Вучиќ.

Станува збор за предлог на Европската унија (ЕУ) поддржан од Германија, Франција и САД, кој беше претставен пред Белград и Приштина во септември и декември 2022 година.

Видете и ова: Вооружен инцидент на северот на Косово


Претседателот на Србија на 20 јануари се сретна со европско-американскиот тим дипломати во Белград, а по разговорот изјави дека Србија е подготвена да го прифати концептот и да работи на имплементација на европскиот план за нормализација на односите меѓу Србија и поранешната покраина Косово.

Во своето обраќање до јавноста вечерта на 23 јануари, Вучиќ рече дека можел да им каже на европско-американските дипломати дека нема да разговара, но, како што изјави, тогаш прашање на недели ќе било кога ќе се укине безвизниот режим на Србија со Европската унија. Тогаш, како што рече, инвестициите би биле стопирани и повлечени.

Вучиќ порача дека Србија мора да разговара и да учествува во дијалогот и да го продолжи својот европски пат. Вучиќ изјави дека француско-германскиот план за решение на спорот меѓу Србија и Косово, кој стана план на Европската унија, е нова преговарачка рамка за Србија.

„За нас нема напредок доколку не соработуваме по ова прашање“, рече тој.

Вучиќ изјави дека на своите соговорници им го пренел она што е неприфатливо за Србија.

Видете и ова: Вучиќ на затворена седница ги брифираше министрите за Косово


По средбата со претставниците на Европската унија, Соединетите Американски Држави, Франција, Германија и Италија, Вучиќ рече дека „за едно важно прашање од планот ја покажал целата грижа и резервираност“.

Сепак, тој не прецизираше за што станува збор, наведувајќи дека не може да зборува за тоа бидејќи планот не е јавен.

Во своето обраќање до јавноста на 23 јануари, Вучиќ рече дека целиот европски контекст е променет по рускиот напад на Украина.

„Србија е на радарот на сите, бидејќи не воведе санкции кон Русија“, рече тој.

Тој рече дека рускиот напад врз Украина стана еден од најголемите проблеми за Србија. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, пред да и се обрати на јавноста присуствуваше на седницата на Владата на Србија за Косово. Според соопштението на Владата, тој ги информирал министрите за „предизвиците и тешкотиите со кои се соочува Србија“.

Косово прогласи независност од Србија во 2008 година. Официјален Белград не ја признава независноста на својата поранешна јужна покраина. Сепак, под покровителство на Европската унија, Србија од 2011 година води дијалог со Косово за нормализација на односите. Тој дијалог треба да резултира со правно обврзувачки договор.