Естонија и Летонија им порачаа на руските амбасадори да си заминат

Знамиња на Летонија, Естонија и Литванија

Естонија, а потоа и Летонија, кои се членки на НАТО и ЕУ, побараа од руските амбасадори во нивните земји да си одат, откако Москва нареди естонскиот амбасадор да си замине и ги намали дипломатските односи со Естонија, обвинувајќи ја за „тотална русофобија“.

Потегот на Естонија уследи откако руското Министерство за надворешни работи му нареди на естонскиот амбасадор во Русија, Маркус Лаидре да ја напушти земјата до 7 февруари.

Тензиите меѓу Русија и нејзините европски соседи се зголемија откако Москва ја нападна Украина минатата година. Естонија неодамна нареди да се намали бројот на вработени во руската амбасада во Талин, од 17 на осум луѓе до крајот на јануари.

„Ние стоиме на принципот на паритет во односите со Русија“, твитна естонското Министерство за надворешни работи на англиски јазик, додавајќи дека рускиот амбасадор ќе мора да замине во исто со неговиот естонски колега.

Видете и ова: Технички дефект е можна причина за експлозијата на гасоводот во Литванија

Москва соопшти дека денешниот потег е одговор на одлуката на Естонија за намалување на руската амбасада во Талин.

Потоа и Летонија, на 23 јануари соопшти дека побарала од рускиот амбасадор да ја напушти земјата, само неколку часа по сличен потег од страна на Естонија.

„Амбасадорот на Русија ќе замине до 24 февруари 2023 година“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на Летонија.

Во него се додава и дека ќе го повлечат својот амбасадор од Москва и ќе го намалат статусот на својата дипломатска мисија во Русија.

Таквата одлука е донесена оти Русија ја продолжува воената агресија против Украина, како и во знак на солидарност со Естонија и Литванија, соопштува Министерството.

Видете и ова: Естонија ќе купи американски артилериски систем ХИМАРС

Естонија, Летонија и нивниот балтички сосед Литванија се меѓу групата сојузници на НАТО кои силно се залагаат Германија да и обезбеди на Украина борбени тенкови Леопард за да ја зајакне земјата во нејзината борба против руската инвазија.

Тензиите, исто така, се зголемија минатата недела кога претставници на 11 земји членки на НАТО се собраа во воена база во Естонија за да разговараат за новите пакети помош за Украина, со што таа би си ја вратија територијата и би го запрела рускиот напредок.

Литванија, пак, го протера рускиот претставник во земјата, во април лани и го намали дипломатското претставништво, откако Украина ги обвини руските сили за убивање цивили во градот Буча.