Вооружен инцидент на северот на Косово

Илустрација, припадници на косовската полиција

Вооружен инцидент во северот на Косово настанал денеска, соопшти косовската полиција. Полицијата пукала кон возило кое не застанало на повикот за стоп и удрило во полициски автомобил. Настанот се случил во градот Бистрица на територија на општината Лепосавиќ, една од четирите општини со мнозинско српско население на северот на Косово.

Од друга страна, директорот на Канцеларијата за Косово на Владата на Србија, Петар Петковиќ, тврди дека во тој инцидент ранет е маж од српска националност.

Косовската полиција во своето соопштение наведува дека животите на полицајците биле загрозени, а за отстранување на опасноста било употребено огнено оружје. Во полициското соопштение е наведено дека „осомничените побегнале од местото на настанот заедно со своето возило“, а дека случајот е пријавен во Полицискиот инспекторат, а истрагата е во тек во соработка и координација со правосудните органи.

Видете и ова: Вучиќ на затворена седница ги брифираше министрите за Косово

Претходно во соопштение од канцеларијата за Косово на Владата на Србија е наведено дека во инцидентот е повреден Србин со иницијали М.Д. и дека со прострелната рана тој е транспортиран во болница во Краљево град во Србија.

„Околу 14 часот, со возило на Брза помош од Лепосавиќ е донесен 37-годишен пациент со прострелна рана во левиот граден кош, кој освен шок-состојба во моментов е без симптоми опасни по живот, но има сериозна физичка повреда. По дополнителна дијагностика, ќе биде сместен на интензивна нега и ќе се направи примарно лекување на раните и се друго што е потребно според нашите протоколи“, изјави докторот од болницата Зоран Мевиќ, а пренесува Радио телевизија на Србија.

Директорот на Канцеларијата аа Косово на Србија, Петар Петковиќ, изјави дека инцидентот се случил кога специјалната единица на Косово „пукала со рафали кон двајца Срби, без основи и причина“.

Косовската полиција на почетокот на декември минатата година ги зајакна капацитетите во општините на север поради зачестените инциденти, откако припадниците на српската заедница ја напуштија косовската полиција. Потоа, кон средината на декември, локалните Срби поставија барикади поради апсењето на нивниот сонародник Дејан Пантиќ, кој е обвинет за учество во нападот во просториите на Централната изборна комисија на Косово. Во меѓувреме, на Пантиќ му беше одреден домашен притвор, а барикадите беа отстранети.