Членката на Независната меѓународна истражна комисија за Украина, формирана од Обединетите нации (ОН), Јасминка Џумхур, изјави дека Комисијата регистрирала одреден број злосторства врз деца кои биле убиени со огнено оружје, но и дека имало и сексуална злоупотреба и „повредување на деца.“ Одредени информации укажуваат на префрлање на децата од територијата на Украина на територијата на Русија, каде што се уште се наоѓаат. „Во голем број од овие случаи, биолошките родители се наоѓаат на територијата на Украина“, рече Џумхур во интервју за Радио Слободна Европа. Таа повтори дека на територијата на Украина се извршени воени злосторства, дека се кршени човековите права и меѓународното хуманитарно право, додавајќи дека имало и злосторства врз деца од страна на руската армија.
Украинската полиција откри логори за мачење во Харкив
„Кога зборуваме за облици на кршење на човековите права, тие можат да се групираат во две категории, против интегритетот на лицата и другите во однос на инфраструктурата. Станува збор за тортура, злоупотреба, силување и други форми на сексуално насилство“, рече Џумхур. Таа додава дека втората група кривични дела се однесуваат на инфраструктурата во случаи кога објектите од енергетскиот сектор биле таргетирани на почетокот на зимата, со што индиректно биле загрозени човековите права на голем број жители да имаат пристап до електрична енергија, здравствена заштита и образование на децата.