Српската влада ќе расправа за Косово, ќе присуствува и Вучиќ

Српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата со специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот Приштина - Белград, Мирослав Лајчак

Владата на Србија денеска ќе одржи седница на која се очекува да се разговара за прашањето за Косово. На покана на премиерката Ана Брнабиќ, на седницата ќе присуствува и српскиот претседател Александар Вучиќ. Тој треба да ја извести владата за преговорите со високата западна делегација. Состанокот со „западната петорка“ (ЕК, САД, Франција, Германија и Италија) Вучиќ го одржа во петокот на кој, како што претходно јавија српските медиуми, се разговарало за таканаречениот француско-германски план за затворање на отворените прашања со Косово.


Вучиќ: Србија е подготвена на спроведување на европскиот план за нормализација на односите со Косово


Овој состанок, Вучиќ го опиша како еден од најтешките денови за Србија, најави консултации и побара единство. „Тоа беше еден од најтешките денови за Србија и никогаш не сум скрил од луѓето кога се случуваат вакви работи. Ќе има многу тешкотии и проблеми со кои ќе се соочиме во иднина и затоа ни е потребно единство“, рече Вучиќ. По седницата на Владата, според најавите, тој ќе има обраќање и до нацијата. Претходно, претседателот на Извршниот одбор на Српската напредна партија (СНС), Дарко Глишиќ синоќа изјави дека доколку претседателот на Србија, Александар Вучиќ, стои на ставот и поднесе оставка, тоа ќе е крај на СНС. Медиумите претходно објавија дека на средбата во седиштето на СНС имало несогласувања и повици да се отфрлат преговорите со САД и ЕУ за Косово. Според информациите, Вучиќ реагирал на овие несогласувања и рекол дека ако некој мисли дека може да ја води државата подобро од него, тој е подготвен да им го остави тоа на нив, а потоа ја напуштил средбата.