Ниска излезност на референдумот за предвремени избори во Словачка

Претседателката на Словачка Зузана Чапутова

Националниот референдум во Словачка за измена на уставот на земјата за да се овозможат предвремени избори не даде правно обврзувачки резултат, бидејќи одѕивот беше премногу низок.

Словачкиот Завод за статистика на 22 јануари соопшти дека гласачите со огромно мнозинство гласале „за“, односно 97,5 отсто одговориле позитивно на референдумското прашање. Сепак, Словачкиот Државен изборен комитет соопшти дека излезноста била само 27,25 отсто. За резултатот да биде правно обврзувачки, излезноста мора да биде повеќе од 50 отсто во земјата со 5,4 милиони луѓе.

Уставот на земјата во моментов не нуди можност за предвремени избори.

Референдумот најмногу го бојкотираа поддржувачите на власта, додека, ак, беше поддржан од опозицијата.

Претседателката на Словачка Зузана Чапутова минатата година одлучи да се оди на референдум, откако три опозициски партии собраа над 380 илјади потписи за поддршка на тој потег.

Одлуката беше донесена пред да падне коалициската влада предводена од премиерот Едуард Хегер во декември. Владата падна откако и беше изгласана недоверба по неколкумесечната политичка криза.

Редовните избори во Словачка треба да се одржат во февруари 2024 година. Сепак, може да се одржат избори и порано, доколку Парламентот изгласа измени на Уставот.

Чапутова му даде рок на парламентот до крајот на јануари да овозможи предвремени избори. Таа побара од кабинетот на Хегер да остане на функцијата со намалени овластувања како преодна влада.

Видете и ова: Падна владата на Словачка


Доколку политичките партии не го испочитуваат крајниот рок, Чапутова рече дека ќе избере нов премиер.

Неодамнешните анкети сугерираат дека опозицијата би имала добри шанси за победа доколку наскоро се одржат избори.

На деветте референдуми откако Словачка стекна независност во 1993 година по расцепот на Чехословачка, само референдумот за влез на земјата во Европската унија во 2003 година го исполни условот од 50 отсто излезност.